Усвоен ребалансот на буџетот,повеќе средства за асфалтирање улици и урбанистички планови

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 31 седница, со 71 точка на дневниот ред. Меѓу многуте донесени одлуки, прилепските советници го изгласаа ребалансот на општинскиот буџет и измените и дополнувањата на развојната програма.

 

„Со ребалансот се одобрија дополнителни 55 милиони денари за реконструкција и асфалтирање на улиците во градот, како и 18 милиони денари за изработка на урбанистички планови во 30 населени места во општина Прилеп. Исто така, се издвоија средства за помош на спортските клубови и 1 милион денари за доизградба на црквата ‘Св.Наум’ и за џамијата во населбата Тризла. Она што треба да се истакне, е дека капиталните расходи до овој момент изнесуваат 60 милиони денари, а заклучно со 30 септември тие ќе ја достигнат висината од над 76 милиони денари. Тоа покажува дека во градот се случува градежна експанзија и дека сите оние проекти кои како локална самоуправа ги донесовме, ќе бидат реализирани“, истакна претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски.

 

На денешната седница советниците ја усвоија стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост на Општина Прилеп, а ги изгласаа и Годишните извештаи, Годишните програми за работа и Годишните планови за вработување во основните и средните училишта во градот.

 

Членовите на Советот на општина Прилеп дадоа согласност за тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните претпријатија, за Годишните планови за вработување во 2020 година, а го усвоија и Деталниот урбанистички план за четврт 2, блок 2,3, за планскиот период 2018 – 2023 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien