Биро за развој на образованието: Дезинформација е дека химната е отстранета од наставата

Бирото за развој на образованието денеска ги демантира информациите објавени во некои медиуми дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме, секој што е заинтересиран, да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми.

 

Со химната на Република Северна Македонија учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети Општество и Музичко образование, како и во петто одделение каде јасно стои во наставната програма по Општество дека учениците преку интегрирани активности по Музичко образовани и по Ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната на Република Македонија (наставна програма од 22.05.2008 година).

 

Во сите наставни програми по музичко образование и во претходните наставни програми“ и во „новите наставни програми“ во општите цели за наставниот предмет стои: ученикот/ученичката да пее песни со разновидна мелодиска линија, а во конкретните цели  (за одделни наставни часови) да пее песни различни по карактер и содржина на македонски јазик и јазиците на народите кои живеат во нашата земја, што остава слобода на наставникот во зависност од контекстот, времето на изведување на наставата, корелацијата со други предмети (поврзано со државни празници, патрони празници итн.) да ја изведува со учениците химната на државата и/или други свечени песни.

 

Оваа година Бирото за развој на образованието изготви нови наставни програми по наставниот предмет Музичко образование за шесто, седмо, осмо и деветто одделение, бидејќи сметавме дека токму преку музиката, преку слушањето и интерпретирањето на песни од сите заедници што живеат во нашата држава, покрај изучувањето на музиката и творештвото на светските класици, ќе успееме да ги зближиме учениците, да се запознаваат со вредностите и традициите на различните заедници и култури и така да живеат и учат заедно.

 

Бирото за развој на образованието, согласно ингеренциите, формираше работни групи за изработка на наставните програми, со претставници на експерти од високото образование, како и практичари од наставата, истакнати наставници, од различни етнички заедници во нашата држава и советници од Бирото за развој на образованието.

 

Согласно нашите упатства, работната група изготви современи наставни програми, базирани на очекувани резултати од учењето, со стандарди за следење и оценување на постигањата на учениците.

 

Она што е новина и она на што инсистиравме при изработката на овие програми, за разлика од досега, е тоа јасно и недвосмислено да биде застапен и препознаен мултиетничкиот карактер на македонското општество. Учениците да слушаат и учат македонски, албански, турски, српски, ромски, влашки, босански песни. Преку избраните песни на овие народи да учат за сопствената, но и за културата, традициите и обичаите на другите. На тој начин, учениците стануваат свесни дека убавината на нашата држава лежи во различностите, во сплетот на култури, претставени, покрај другото, преку различниот фолклор, песни и ора.

 

Сите други резултати од учење што треба да ги постигнат учениците преку изучувањето на другите теми во наставните програми, а се однесуваат на музичка писменост и изведбени активности се прилагодени на возраста на учениците и не отстапуваат од наставните програми по коишто и претходно се работеше во основните училишта.

 

Исто така, напоменуваме дека Бирото за развој на образованието не е надлежно за издавањето и печатењето на учебниците, туку е вклучено само во делот на давање мислење за усогласеност на учебниците со наставната програма. Како ќе изгледа определен учебник, дали и кои песни ќе ги понуди авторот за постигнување на определени резултати (освен оние предвидени со наставната програма) е слобода на авторот и зависи од неговата умешност и креативност во пишувањето на учебник и избор на соодветни музички творби.

 

Токму затоа, уште еднаш, истакнуваме дека изработката на новите наставни програми нема никаква поврзаност, ниту „умисла“ да се отстрани химната од наставните програми, туку и понатаму останува како и до сега таа да се изучува во основното училиште и да се изведува кога тоа го бара наставната програма или во различни свечени пригоди во училиштата.

 

Бирото за развој на образованието се оградува од секоја изјава којашто официјално не е дадена од директорот на институцијата или одговорните / овластените лица за контакт со јавноста“, стои во реакцијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien