ВИДЕО – Последниот жив паметник за исчезнатото село Мелница – манастирот Св. Илија

Манастирот посветен на Свети Илија во прилепско Мариово е единствениот жив споменик и потсетник дека некогаш на ова место околу манастирот постоело селото Мелница, каде сега од него нема останато буквално ниту камен. Како никогаш тука да не живееле луѓе, само пустелија. Селото Мелница е комплетно уништено уште кон крајот на 19 век, а било распослано на двата брега на реката Бутурица. Населението го напуштило поради големиот број разбојнички напади и грабежи.

 

 

Манастирот Свети Илија со својата црква, прекрасниот двор и уредените конаци за гости и примамлииво место за голем број туристи кои тука доѓаат да го посетат овој крај. Освен тоа манастирот е збирно место за голем број културни средби на мариовците како манифестацијата „Мариовско-мегленски средби“ која се одржува тука секоја година.

 

Манастирот е изграден 1872 година, го градел тогаш познатиот мајстор Пере Лауца, кој ја изградил и Градската Саат кула во Прилеп. Црквата пак е зографисана во 1881 година од страна на Аврам Дичов, син на познатиот македонскии зограф Дичо Зограф. Ктитор на манастирот пак е дедо Стале Чешелков од село Полчиште насликан на една од фреските во црквата. Инаку црквата навистина преубав и уникатен и фрескоживопис.

 

Токму за ова место своја книга издаде професор и историчар на уметност, д-р Димитар Ќорнаков кој истата ја промовираше во дворот на манастирот. Ќорнаков истакна дека книгата е работена во сработка со неговиот внук кој ги направил фотографиите од црквата и манастирот. Токму Ќорнаков уште пред околу 6 децении ги евидентирал сите икони во црквите во Мариово.

 

„Мариово и сите луѓе негови заслужуваат да бидиме тука, на самото лице место и тука да ја промовираме оваа книга, како што кажа промоторот, значајна за нашата преродба и за нашите зографи кои дошле од дебарскиот крај да ја осликаат. Во далечната 1967 година по налог на републичкиот Завод за заштита на спомениците на културата, екипа од историчари на уметност, археолози, етнилози и други, добивме задача за Мариово да ги земеме првите податоци, а како најважно да направиме евиденција и регистрација на сите икони кои се наоѓаат во црквите во Мариово и мариовскиот крај. Тргнавме со голем ентузијазам, ги евидентиравме сите икони. Денеска ако една икона исчезне од некоја црква тоа може веднаш да се забележи, затоа што секоја икона, во секоја црква, има свое досие, фотографија и опис на самата икона. Во Мариово се задржавме повеќе од еден месец. Имавме само гумени душеци и спиевме по ледини, а во невреме, на дожд, ние спиевме во школите и во тремовите на црквите“, вели д-р Димитар Ќорнаков, автор на книгата за манастирот.

 

Овој манастир е значаен и по тоа што тој бил еден од првите центри во овој крај од каде се ширело образованието на луѓето. Промотори на книгата беа Заводот и Музеј Прилеп, професорот и истражувач Марко Китевски, а издавањето на книгата финансиски е поддржано од Министерството за култура и Општина Прилеп.

 

„Авторот на книгава изнесува податоци и за другите цркви во мариовскиот крај, како на пример за Св. Архангел во Кокре, Св. Спас во Кален, Св. Архангел Михаил во Крушевица, за црквата Св. Ѓорѓи во Пештани, Св. Петка во Чаништа, потоа за црквите во Орле, Маково, Рапеш, во Ивени, Сливница, Врпско, Витолиште, Манастир каде што има црква со зачуван живопис од 13 век, потоа во Бешиште, Зович, Градешница и други. Не се безначајни податоците за годината на градењето, за ктиторите, за записите и други податоци поврзани со овие цркви. Така оваа книга не е само за манастирот Св. Илија во Мелница, туку книга за мариовскиот крај воопшто. Кога станува збор пак за оваа црква, треба посебно да се нагласи дека таа е изградена на иницијатива на Стале Чешелков од село Полчишта, дека овој Стале, како што беше споменато, до крајот на својот живот останал во манастирот, а населението го прогласило за ктитор на црквата“, истакна промоторот на книгата Марко Китевски, професор и истражувач.

 

„Дозволете ми да упатам огромна благодарност кон професорот доктор Димитрија Чернаков за неговата идеја за соработка со големиот поет, иницијатор да се афирмираат нашите споменици на култура, цркви и манастири, пред светската јавност, како и директорот на Матица. Зарем оваа промоција на манастирот во село Мелница не го докажува тоа. Редок пример, можеби и единствен од ваков вид, заслужено сеќавање во некогашната Мелница. Заслужено за овој прекрасен крај. За сите нас тука присутни е голема привилегија и да ги запознаеме природните убавини и богатото културно и историско наследство, што е гордост на нашата татковина“, кажа Благоја Атанасоски, дииректор на Завод и Музеј Прилеп.

 

„Општина Прилеп и локалната самоуправа финансиски ја поддржа оваа монографија и секогаш вакви и слични монографии и научни достигнувања ќе ги поддржуваме се во интерес на граѓаните на нашата држава“, вели Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

Инаку селото Мелница е родното село на Стале Попов. Токму уредникот на издавачот на книгата, Раде Силјан, побара од Општина Прилеп да смогне сили и да ја обнови родната куќа на овој голем македонски писател, која сега е комплетно распадната и таа во иднина да прерасне во Спомен дом.

 

„Сакаме да иницираме, во родното село на Стале Попов, доколку градоначалникот за кого сите велат дека е многу иницијативен и владиката Петар, изнајдат одредени можности, да се опреми една спомен соба за Стале Попов, со цел да се зачува неговото име и неговото дело, затоа што селата кај нас се опустошуваат, како што гледате, но сеуште духот не крепи. Барем на тој начин да создадеме можности нашите помлади и други луѓе што доаѓаат, што ги посетуваат нашите светилишта, да се запознаат со едно култно име, име кое создало непроценливи литературни дела од кои се учеле генерации и ќе се учат генерации“, Раде Силјан, издавач и уредник на книгата – „Матица“.

 

Мелница можеби е згасната засекогаш, но нејзините спомени и спомените на Мариво вечно ќе остане да чува манастирот Свети Илија, а доколку се најдат пари, а најповеќе волја уште еден таков паметник во иднина, кој ќе ги собира повторно луѓето тука, ќе биде Спомен собата на Стале Попов.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи