Изложба на скулптури од прилепскиот уметник Марјан Стојаноски

На 10.10.2019 во 18.30 часот во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на скулптури од прилепскиот уметник Марјан Стојаноски.

 

Податоци за авторот

 

Марјан Стојаноски од Прилеп, завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Ибрахим Беди.

 

Член е на ДЛУМ и на ДЛУП. Во два наврати е претседател на ДЛУП. Во 2015 година ја добива наградата за скулптура „ Јордан Грабул“ (ДЛУП)

 

Реализирал повеќе проекти

 

  • Реставрација и конзервација на монументален споменик Ќуп – проект на Музеј на Град Скопје
  • Изработка на мозаик за ДСУПУ„Лазар Личености“ – Скопје
  • Скулптура „Мир“ во чест на Тоше Проекси, поставена во центарот на Прилеп
  • Скулптура Еко (велосипедист) – поставена во центарот на Прилеп
  • Реализација на статуетка за награда од публика за МТФ „Војдан Чернодрински“

 

Награди од повеќе конкурси – Ѓорче Петров, Пере Тошев, Пеце Атанасовски, Свети Наум, Методија Шаторов Шарло и др.

 

Текст за изложбата од Викторија Димеска, историчар на уметноста

 

Академскиот скулптор Марјан Стојаноски создава апстрактно геометриска скулптура изработена од метал, како најсоодветен материјал за обликување на неговите концепти. Податливоста на металот како материјал за изработка на скулптурата, како и техниката на заварување, му овозможува на скулпторот да создава различни, по форма, структура и големина, делови и конструктивни елементи. Преку дисциплинирана техничка постапка, Стојаноски создава идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор. На подножјето или дното, скулпторот поставува лимена кутија, која што претставува основа на металната конструкција.  На средишната точка на предната хоризонтална основа на металната кутија, поставен е вертикален метален лост, во улога на главен конструктивен носач на тежината на скулптурата. Во средишниот дел, на исправениот  метален  лост, поставена е кружна геометриска сфера. Околу јадрото, односно кружната сфера, инкорпорирани се дополнителни составни елементи  на скулптурата: метални патинирани плочи со засеци на рабовите или пак кружни вдлабнати плочи и целини. Одредени елементи на металните конструкции се статични, додека пак други се движат во динамични кругови и кружат околу јадрото по своите замислени орбити.

 

Кружната сфера, како централен мотив околу кој што се организирани преостанатите конструктивни делови и елементи, постанува архаичен симбол со евокативна моќност- сонцето.  Сферата, односно кругот, претствува универзален симбол на поимот за вечноста, безвременоста, сакралноста или светоста, целината, себството, трансцедентацијата, цикличното движење, постојаниот тек во природата, совршенството, повторливоста, боженственоста, духовноста, машкиот принцип и женскиот принцип (мајчинство), креативниот потенцијал. Дополнителните конструктивни елементи на скулптурата, патинираните метални плочи и целини, потсетуваат на сноп  светлосни  зраци  емитирани од централното  јадро на металната структурата. Сферата постанува генератор, извор на електрицитет, напојувајќи го просторот со бесконечна енергија.

 

Апстрактно – асоцијативните и метафорични метални скулптури остваруваат интеракција со природата и урбаниот простор, симболизирајќи го креативниот моќен потенцијал на енергијата и материјата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien