Отворена изложбата на слики од Меѓународната ликовна колонија „Куманово“

Синоќа во галеријата на ЦСЛУ во Центарот за култура „Марко Цепенков“, беше отворена изложбата на слики од Меѓународната ликовна колонија „Куманово“, што е дел од Програмата на Општина Прилеп за одбележување на Денот на народното востание, 11.Октомври.

 

На изложбата присуствуваа двајцата градоначалници на Прилеп и Куманово, Илија Јованоски и Максим Димитриевски, кои уште еднаш ја потврдија одличната соработка помеѓу двете општини, која во последниве две години резултираше со заедничка прослава на 11.Октомври.

 

„Ова наше заедничко прославување го избегнува ривалитетот на двата града по прашањето, каде пукнала првата пушка? Ние и во иднина ќе продолжиме заеднички да го славиме празникот: на 10.октомври вечерта, кога во Прилеп се организира импровизираниот напад на градот и се одбележува почетокот на востанието ќе бидеме овде, а следниот ден, на 11.Октомври прославата ќе биде во Куманово. Вечерашната изложба на слики од ликовната колонија ‘Куманово’, покажува колку е нашата дружба во интерес на сите граѓани – и од Куманово, и од Прилеп“, изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

 

Јованоски уште еднаш му се заблагодари на кумановскиот колега Димитриевски, за поддршката за приемот на Прилеп во Меѓународната асоцијација на градови носители на пораката за мир, што се случи пред десетина дена на Генералното собрание на оваа асоцијација, кое се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина.

 

Дека соработката помеѓу двата града е на се’ повисоко ниво, потврди и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој прогласувајќи ја изложбата за отворена, од свое лично име и од името на своите сограѓани, им оддаде признание на граѓаните на општина Прилеп за сето она што досега го направиле за нашата држава, заедно со борците кои се вложиле во НОБ.

 

„Мора да потенцирам дека бариерите се скршени и повеќе не се поставува прашањето каде пукнала првата пушка. Овој пример покажува дека Куманово и Прилеп се едно и дека оттука се разгоре најголемата борба против најголемото зло на 20 век, фашизмот. Сакам да истакнам дека нашата соработка се развива одлично. Оваа година општина Прилеп, на наша номинација, беше примена во Меѓународната асоцијација на градови носители на пораката за мир, која е формирана од страна на Обединетите нации. На тоа поле, како два града од Македонија планираме да бидеме активни на меѓународен план, бидејќи само на таков начин испраќаме вистински пораки за тоа за што се бореле и залагале нашите предци и сите борци и народни херои од НОБ, кои ги чествуваме и на кои им оддаваме признание“, истакна Димитриевски.

 

Во рамки на Програмата за одбележување на Денот на почетокот на антифашистичкото востание, синоќа во киното „Мис Стон“ се одржа и меѓународната хуманитарна поетска манифестација „Со босоногата по патот на светлината – 2019“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien