ВИДЕО – Прилепчани со порака : „11 Октомври е најсветото нешто што никогаш не смее да се заборави, ниту под закани и уцени“

Со спектакуларен огномет и импровизиран напад на Участакот, кој во минатото бил седиштето на бугарската фашистичка полиција синоќа во Прилеп започна одбележувањето на 78 годишнината на еден од најголемите македонски празници 11 Октомври. Токму Участакот е местото каде во далечната 1941 година со убивањето на стражарот на овој објект започнала револуцијата. 11 Октомври е само продолжување на вековниот сон и бројните востанија низ историјата за создавање на сопствена македонска држава.

 

 

„11 Октомври е симбол на непокорот, пркосот, храброста, гордоста и достоинството, стремежот за слобода не само прилепчани, туку и на сите граѓани на нашата земја. Наша задача и обврска е да го продолжиме нивното дело, да ја продолжиме современата битка на економски развој“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Во 1941 година Прилеп броел околу 25.000 жители од кои 8.000 учествувале во НОБ, што значи некаде секој трет жител. Од нив 2.700 биле директно со пушка во рака. Од 66 народни херои во Македонија 15 се од Прилеп. За време на НОБ загинале 650 прилепчани, токму затоа во 1975 година Прилеп е прогласен за град херој.

 

„Тоа е гордост, нешто што не може никогаш да се заборави, на сите поколоенија, и на ова малово мое дете му го пренесувам тоа, морници ме фаќаат затоа што луѓето животот го дале за овој ден, на ова место. Не смее ова по било кои закани, под какви и да е уцени, Илинден па 11 Октомври, најсветото нешто што никогаш не смее да се заборави“, рече еден прилепчанец.

 

„Гордост за прилепчани, горди сме што сме родени во овој град“, кажа друга прилепчанка.

 

„11 Октомври значи највредното за Македонија“, додаде друга граѓанка.

 

Денеска одбележувањето на празникот продолжува со положување на цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Македонија, Кузман Јосифоски Питу, идеологот на НОБ, и Паркот на Револуцијата или Могилата на Непобедените каде почиваат останките на 650 партизани.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи