„Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“ – велосипедска патека, тераси, летниковци и спортски игралишта

Во просториите на Општина Прилеп, денеска беше организирана јавна презентација на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, за потпроектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“.

 

Борче Јанкулоски, проектен менаџер на потпроектот, истакна дека денешната средба имала за цел да се изврши презентација на списокот на активности и интервенции кои се предвидени со проектот, со посебен осврт на мерките од списокот за проверка на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти. Како што напомена Јанкулоски, важно е да се истакне дека потпроектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“, е изработен врз основа на Националната правна рамка и Политиката за заштита на животната средина и социјална политика на Светска банка.

 

„Во проектот е планирано да се изведат 5 поединечни потпроекти: изведба на целосно осветлена велосипедска патека од потегот ‘Маркова чешма’ до с.Присад во должина од 7,3 километри и ширина од 3 метри, уредување на пристапна улица со паркинг простор од некогашниот мотел на вештачкото езеро, од каде продолжува рекреативно-излетничката зона како дел од проектот за уредување на мултимедијален простор со 3 тераси, 6 летниковци и урбана опрема каде ќе може да се организираат разни настани и културни содржини. Исто така, планирано е да се изградат две спортски игралишта, пешачка патека во должина од 750 метра, а ќе бидат поставени и клупи и канделабри. Имплементацијата на проектот има за цел да ја зголеми пристапноста на ова подрачје како зона за активен туризам и да го врати некогашниот сјај на езерото“, изјави Јанкулоски.

 

Проектот „Прилепско езеро – Нови авантури, нови можности“ во износ од 850.000 евра, финансиран е од ЕУ и сопствено учество на Општина Прилеп, а администриран од проектната канцеларија на Светска банка.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи