ВИДЕО – При апликацијата за УНЕСКО на Маркови Кули нема простор за импровизации или некакви интереси, потребна ни е меѓународна помош за природното наследство

ИЗВОР : СИТЕЛ

 

Заштитеното подрачје Маркови Кули се протега на површина од околу 4.000 хектари започнувајќи од населбата Варош во Прилеп па се до манастирот Трескавец, односно патот за селата Дупјачани и Небрегово, и од исток од локалитетот Баба, односно патот за вештачкото езеро на запад се до селото Мажучиште. Во овој момент веќе финишира проектот „Маркови Кули – заштита и делување“, вреден 100.000 долари, финансиран од ЕУ, а реализиран од УНДП. Негова основна цел е поголема афирмација на просторот кај туристите, но и негово туристичко уредување и заштита. Од друга страна треба да се направи и реноминација на Маркови Кули, а сето ова со цел ова подрачје од привремената листа на заштита на УНЕСКО да влезе на постојаната листа на заштита на оваа меѓународна организација. За ова поразговаравме со Борче Јанкулоски од ЛЕР Општина Прилеп и Бранислав Ристески, директор на Институтот за старо-словенска култура кои управуваат со Маркови Кули.

 

 

Г-дине Јанкулоски кои бенефити за Општината ќе ги донесе проектот „Маркови Кули – заштита и делување“?

 

Самата реализација на проектот и самата програма на УНДП за управување и делување со заштитените подрачја, а финансиран од ЕУ е токму тој дел да се подобри пристапноста и информираноста на целокупното население и на сите кои доaѓаат тука, околу сите заштитени подрачја кои ги имаме во државата. Ова е од особена важност бидејќи ние како Општина во соработка со Институтот за старословенска култура успеавме да го реализираме овој проект и да ја подобриме пред се пристапноста до самото заштитено подрачје и информираноста преку поставување на патокази. Поставивме и Инфо точка која што во наредниот период ќе нуди информациии за сите оние кои ќе доаѓаат тука. Привршува и делот кој е наменет за промоција како што се туристичките мапи, туристичка брошура и веб страна кои што ќе дадат детален опис на целото подрачје. Особено е важно што ова подрачје се наоѓа на привремената листа на заштита на УНЕСКО.

 

Она што сакам да напоменам е дека во рамките на проектот се набави и опрема за Институтот како станица, комјутери, сервери, поставен е видео мониторинг систем каде 24 часа се мониторираат главните пристапни точки на заштитеното подрачје, а од друга страна се набави и дрон кој работи на едни нови модели, каде добиваме 3Д визуализација и тоа планираме да го искористиме како метод за целото заштитено подрачје и на тој начин да може да се мониторира целокупната заштита на подрачјето во годините кои доаѓаат.

 

Во следниот период она што ќе го работиме е со претставниците на локалното население од населбата Варош и другите населби кои гравитираат тука. Ќе организираме средби со граѓаните со цел да им укажеме за значењето на ова подрачје, кое е значајно не само за Прилеп и државата туку и пошироко. Ова е едно од подрачјата кои се карактеризираат со граниолитни форми кои ретко се наоѓаат, а има и голем број на археолошки и културни локалитети и преку овие средби со граѓаните ќе настојуваме тие да ја имаат примарната заштита, но и ние како Општина и самиот Институт ќе се вложиме дополнително да обезбедиме неопходни услови за да може да го заштитиме она што го имаме и да остане во онаа примарна, првобитна форма како што било некогаш.

 

 

 

 

Г-дине Ристески во овој момент се врши реноминација на целото ова подрачје, што точно значи тоа и до каде е апликацијата на Маркови Кули за УНЕСКО?

 

Јавната научна установа Институт за старословенска култура која е субјект на управување со заштитеното подрачје Маркови Кули во целост е подготвена да одговори на обврските, но и правата кои произлегуваат од статусот на субјект на управување. Во сегментот на подготовка на апликацијата сме максимално студиозни знаејќи ги импликациите и грешките во постапката.

 

Нашите сознанија како Јавна научна установа од највисок ранг односно еден од 5-те Институти на македонскиот народ особено во сегментот на хуманистичките науки, првенствено археологија и историја на уметноста како единствени во нашата држава и највисоки во својата структура сме на мислење дека културните содржини се од особено значење со кои аргументирано целосно можиме да ги браниме нашите претензии да се најдеме на постојаната листа на УНЕСКО. Во прилог на тоа говори и фактот што во делот на заштитеното подрачје постојат 9 регистрирани споменици на културата како највисок степен на вреднување на овие содржини. Тука би ги споменал манастирот Трескавец, манастирот Свети Архангел Михаил, црквата Свети Димитрија, црквата Свети Никола, црквата Свети Петар и Павле, Богородица Пречиста, Свети Атанасиј и други. Имаме и други објекти кои можат да влезат во групата на споменици на културата и сето тоа е несомнен аргумент. Да не набројувам илјадници публикувани трудови за овие споменици, патем да споменам Институтот организира меѓународни научни средби на кои се тангираат темите од културното наследство.

 

Ова сето е аргумент за нашата студизност во постапката на аплицирање. Дополнително ние вршевме консултации со светски еминентни научници од сферата на природните науки и нивното мислење во сегментот на геологијата е дека сами за себе геолошките содржини не се доволен аргумент за постојаната листа на УНЕСКО туку дека мора да се аплицира како мешовито добро со нагласок на културните содржини. Зборувам за еминентни стручњаци кои во иднина би ги оценувале вредностите на овој простор и тие ни сугерираат да одиме по линија на мешовито добро со нагласок на културните содржини.

 

Сето ова е во сериозна подготовка на апликацијата бидејќи мораме да имаме во предвид дека грешката во апликацијата значи дека ние за навек си ги затвораме вратите да претендираме на листата на УНЕСКО како највисок ранг во сферата на природното и културното наследство. Од тие причини ние не смеме да си дозволиме никакви импровизации, независно од личните, групни или поединечни интереси. Ако ние претендираме да бидеме еднакво вредни со охридскиот регион така треба и да се однесуваме, а не со некоја површност и неодговорност. Од тие причини повикувам и работиме на тоа да општествената јавност да ја информираме од сериозен пристап во апликацијата.

 

 

Кога би можело да се очекува да се поднесе таа апликација, на последниот меѓународен научен собир кој се одржа во Прилеп се споменуваше некоја временска рамка од 2 години?

 

Времетраењето е максимално условено од нашите способности и потенцијали да понудиме сосема сериозна аргументација. Значи со меѓународно верифицирана аргументација. Што значи тоа? За културното наследство има неколку илјади наслови во меѓународни и домашни списанија и тоа е процес на валоризација во стручно-научните кругови. За разлика од културното, природното наследство е скоро непознато за научните кругови. Од таму е потребен еден процес на верифицирање, заокружување на културните содржини, но и базично истражување и презентирање на природните содржини, како процес на меѓународна верификација, зборувам за стручно-научните кругови, бидејќи УНЕСКО е административно заокружување на тие вредности. Во тој процес ние мора целосно да се вклучиме како со нашите потенцијали, Институтот за старословенска култура ги има тие потенцијали како врвна научна установа, но во одредени сегменти, особено во природното наследство ни е потребна сериозна помош од меѓународни експерти кои би ги валоризирале тиие вредности во пошироки рамки.

 

Од тој процес всушност почнува оценката на која точка може да претендираме. После 2 години треба да бидеме на јасно, дали ние имаме реални шанси да бидеме на постојаната листа на УНЕСКО или треба да се откажеме и треба овие содржини кои ги имаме да ги третираме на некои регионални или национални рамки.

 

Процесот може да трае и 5 и 6 и 10 години, да не бидам песимист сега во целата таа постапка, но поентата е во нашите потенцијали. Она што јас можам да гарантирам и како археолог, научен советник археолог и од името на моите колеги кои се 9 на број со највисоко научно звање научен советник во наше име можам да гарантирам дека во сегментот не културното наследство комплетно може да одговориме на сите меѓународни страндарди на вреднување, а за другата содржина треба да се вклучи општествената заедница и научните сегменти од таа дејност во Македонија.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.