Генералниот штрајк против плановите на Макрон за промена на пензискиот систем еден од најмасовните во Франција

Франција влезе во генерален штрајк во кој учествуваат милиони работници во знак на протест против плановите на Макрон за зголемување на старосната граница за пензионирање и намалување на пензиите.

 

Вработените во образованието и јавниот превоз ги преплавија улиците заедно со полицајците, правниците, медицинскиот персонал и вработените на аеродромите. Јавниот превоз и училиштата се најпогодени затоа што нивните синдикати одлучија масовно да го подржат штрајкот.

 

Поради штрајкот значително е нарушен сообраќајот во цела Франција. Само 10 отсто од меѓуградските возови и возовите со големи брзини ќе сообраќаат во четвртокот, а некои регионални линии воопшто нема да бидат во функција. Меѓународните возови, како „Eurostar“ и „Thalys“, исто така, ќе бидат погодени од штрајкот. Во Париз, операторот со подземната железница RATP, ги предупреди патниците да очекуваат сериозни нарушувања на сообраќакот во текот на денот. Од 16 линии на метрото во градот, само пет ќе бидат во функција. Во функција се само 30 отсто од автобуските и трамвајските линии во главниот град.

 

Контролорите на летањето, исто така, ќе штрајкуваат, и 30 отсто од домашните летови на „Air France“ ќе бидат откажани, додека компанијата „EasyJet“ откажа повеќе од 200 летови.

 

Поради протестите, полицијата во Париз нареди сите продавници и ресторани каде ќе се протестира да бидат затворени во текот на денот. Според информациите, откажани се и многу хотелски резервации.

 

Според најавите од синдикатите штрајкот започнува денеска а ќе трае се додека Макрон не се откаже од своите намери за промена на пензискиот систем. Дури 69 проценти изнесува подршката на јавноста за штрајкот, а таа е најсилна кај младите луѓе на возраст од 18-34 години.

 

Владата на Макрон се надева да избегне повторување на генералниот штрајк од 1995 година, кој ја блокираше земјата цели три недели и ја обедини јавноста против владата, која беше приморана на отстапки. Министерството за внатрешни работи соопшти дека очекува најмалку 250 различни маршеви и протести ширум земјата и предупреди на можно насилство поради најавената подршка од страна на „Жолтите елеци.“

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.