Прилепчанецот Јован Велески добитник на највисоката и најпрестижна награда за животен придонес во психологијата

Специјалистот по медицинска психологија Јованчо Велески од Прилеп за прв пат во Македонија ја доби престижната награда за животен придонес во психологијата, која ја доделува Комората на Психолози на Република Македонија. Ова е највисоко признание за оваа дејност во Република Македонија. Велески, специјализирал Медицинска психологија на Медицински факултет во Скопје, каде го завршил и едногодишниот субспецијалистички семинар за стрес и стресни состојби. Магистрант на Правниот факултет во Скопје по судска психологија, а има поминато и обуки и едукации за : Сертификат за Гешталд психотерапија прв степен, Сертификат за Роршахова техника, Сертификат за терапевт во групна терапија во Клуб за лекувани алкохоличари, Сертификат за едукатор на терапевти во Клуб за лекувани алкохоличари, Сертификат за работа со лица со пречки во психичкиот развој и нивните семејства, Летна школа за болести на зависности  во Прага, Летна школа за алкохолизам во Варшава, Сертификат за Лиценциран судски вештак од областа на медицинската психологија. Со работно искуство од 33 години е одговорен за работата на Кабинетот по Медицинска психологија во ЈЗУ Општа болница – Прилеп.

 

По овој повод екипата на Инфо Компас направи кратко интервју со Велески.

 

 

 

 Г-дине Велески за прв пат во Македонија пред неколку дена ја добивте престижна награда за животен придонес во психологијата, која ја доделува Комората на Психолози на Република Македонија, како највисоко признаније за оваа дејност во државава. Имресиите се уште се свежи. Какво е чувството да се биде прв во Македонија кој ќе ја добие оваа награда?

 

Во годината кога Македонскиот здравствен систем ја деградира медицинската психологија, јас добив престижно призание од Македонската коморана психолози, прво од таков вид, за високи животни дострели. Наградата ја доби и професорката др. Дијана Белевска, со која пред многу години ги поставивме темелите на Медицинската психологија, Законот за психолошка дејност и ја формиравме Комората. Во Македонија има 640 професионални  психолози од кои 80 имаат приватни советувалишта, психологијата се изучува на 4 факултети, а се специјализира, магистира и докторира на 7.

 

Искрано кажано, јас не сум баш роден за психолог, како бивши борач, џудиста и специјалец, касап по занает, лозјар и винар. Сега се присеќавам како во гимназија ја поправав 3 –ката по психологија и од инает за професорот за да ја направам 5-ка. На студии по психологија се запишав поради огласите на воените и полициските власти за прием на мажи психолози, но отидов да работам на сосема на друго место во здравството. Како студент имав прилика да сфатам една работа дека на планетава постојат само две главни науки. Едната е Математиката, поради егзактноста, а другата Психологијата, поради субјективноста. Се другото е насушна потреба и зависи од овие две науки. Како психолог, сватив дека мораш да бидеш посветен на она што го работиш во целост со сета искрајност, чесност, добрина, учтивост, храброст, лојалност и достоинство на професијата.

 

Каква наука е применетата психологија, што се е потребно за нејзино добро практицирање и што се треба да вложи и колку самиот психолог?

 

Применетата психологијата не е лесна работа, таа е захтевна струка, некогаш е напорна и исцрпувачка, но неодоливо креативна, инспиративна и обврзувачка. Или ќе ја работиш поштено до крај или откажи се совреме. Таа бара континуирано унапредување на знаењата и професионалните вештини зошто е помодерна од самата мода. Целиот професинален арсенал се наоѓа во психологот, кој треба да позајми дел од својата личност за на оној за кој се заложил да му помогне. Некои други струки и алтернативни професии, имаат, закон, сила или хемија на располагање, но во нашата струка, психологот е тој што одстапува дел од себе си како би ја завршил работата. За тоа треба голема ментална сила, чувствителност и способност за разликување во субјективноста на доживувањето. Но од друга страна треба рационалност, ефикасност и професионална дистанца. Е тој баланс е најтешко да се постигне, зошто понекогаш, заморот си го чини своето.

Токму така, работата во применетата психологија изгледа како да држиш шарена пеперутка на дланките. Ако ја стегнеш ќе и ги уништиш криљата, па не ќе може да лета. Ако ги држиш рацете отворени ќе ти побегне. Треба да бидеш максимално смирен за да може пеперутката да остани спокојна на дланките. Рацете да ти се лежарни но сигурни, за да можеш  да го видиш секој момент помеѓу две треперења на криљата. Така ќе ја доживееш сета убавина на професијата.

 

 

Често се вели дека ова не е професија која ќе ви донесе многу пари, но ќе ви донесе животно задоволство онакво какво што нема во другите професии. Зошто е тоа така, какви бенефити носи оваа професија, оваа наука за оние кои се занимаваат со неа?

 

Ако ме прашате кои се придобивките на професијата освен материјалниот бенефит, ќе ви кажам дека оваа професија носи избор. Првиот е да го прифатиш капиталистичкиот модел на практицирање на професијата и да наплаќаш се, дури и измислени услуги, а другиот е духовниот или хуманиот концепт. Средниот пат би требало да биде некаде ваш избор. Се што ќе сработите поштено и поштено треба да си наплатите,  да покажете респектабилност кон сопствениот труд, но хуманост и разбирање кон луѓето. Во спротивно сметката ќе оди на конто на вашето здравје или достоинство. Но секој сам си ја носи својата одлука, тоа го знаеме сите овде, некогаш  наидуваме на чудни ситуации на кои сме должни брзо да се адаптираме. Она што сите ние професионалци го знаеме за оваа професија дека добиваме и нешто лично од психологијата низ праксата. Пред се тоа е поголема ментална флексибилност, душевен баланс, добра организација и координација на менталната и телесната јачина, посилен ментален став и самодоверба, начин да се справиш со конфликти и кризи, поголема адаптабилност на конуренција,можност за напредување, искрајно дружење и помалку забава.

 

Психологијата ве учи да бидете скромни и достојни прво према себе , а после према другите. Не е се во дипломите, сертификатите и лиценците, за оваа професија најважна е да си слободен, а ако си слободен ќе можеш слободно да расудуваш, слободно да чувствуваш, слободно да делуваш. Тоа е предуслов да бидеш психолог по професија. Се другото е помала или поголема фарса.

 

Колку се потребни надоградувања и постојани обуки во применетата психологија?

 

Применетата психологија  бара  да направи поголем напор  за да се стане врвен професионалец. Пред се треба коинтинуирано да се обука, за да го подигни нивото прво на академски знаења, редовно да следи новини од струката и областа во која работите, да научи или поминете барем една психотераписка или социотераписка техника, да го евалуира своето заење во сооодветни трудови и академски титули, да има барем еден волонтерски ангажман каде ќе ги користи своите професионални вештини, да се јавува по медиумите и на крај да помага во организациите кои се грижат за квалитет на вашата  професијата. Тука спаѓа и помагање на помладите колеги кои се вистински заинтересирани да се бават со оваа професија.

 

Во изминативе 33 години кога ќе го соберам времето потрошено на учење после завршувањето на факултетот по разни едукации, семинари, постдипломски, специјализации и субспецијализаци и изнесува 9 години и 6 месеци. Но ми беше задоволство тоа да го направам, зошто си ја почитувам струката, но и сите оние корисници на моите услуги. Имав среќа да учам од врвни стручњаци, да работам со извонредни колеги, да се среќавам со еминетни личности, но и да научам по нешто од обични полуписмени луѓе. Не беа сите психолози, некои беа универзитетски професори, лекари, војници, тренери, инструктори, но најмногу психологија научив од моите пациенти и клиенти.

 

Како порака на младите генерации психолози да соберат сили и да направат квалитативен исчекор во однос на предходните, но тоа индивидуално нема да има значење ако немате колективен став дека квалитетот треба да биде глевен принцип во струката.

 

 

 

Инаку Кабинетот по Медицинска психологија во ЈЗУ Општа болница – Прилеп на  Велески има годишна фрекфенција од 2.000 клиенти и пациенти, во кој освен клиничка пракса и психотераписки интервенции, се работи и здравствена психологија, каде се издаваат спец-субспецијалистички психолошки извештаи, потврди, уверенија, наоди и конзилиарни мислења. Како судски вештак работи повеќе од 30 години во 360 судски кривични дела и 28 години е главен и одговорен терапевт на Клубот за лекувани алкохоличари во Прилеп кој моментално има 63 членови. Преседател е на две лекарски комисии, за проценка на лица со пречки во психичкиот развој и комисијата за хронично болни лица повеќе од 16 години. Раководел со воено-регрутниот психолошки сервис.

 

Континуирано работи на полето на спортската психологија со екипи и поедници, при што бил и стручен соработник за волонтерски прашања на Меѓународниот олимписки комитет и финалист на Европскиот куп. Како колумнист се занимавал со журналистика, а организирал и сликарски уметнички перформанс на тема: Психологија и авангарда. Бил 10 години преседател на Друштвото на психолози на град Прилеп, еден од иницијаторите на Законот на психолошка дејност и член на првиот управен одбор на Комората на психолози на РМ. Член на Друштвото за наука и уметност од Прилеп. Обучувал студенти во феријална пракса.

 

Објавил преку 60 стручни трудови и популарни текстови од областа на психологијата во разни списанија и електронски медиуми од земјава и странство. Добитник е на првата награда “Есеј на годината“, неофицијална прва награда на III Конгрес на психијатрите на РМ  и “3-то Ноемвриската  “ награда со КЛА –Прилеп и како  други 20 признанија и благодарници.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.