Активистите на „Гринпис“ се качија на седиштето на ЕУ пред самитот за климатски промени

Активистите од меѓународната група за заштита на животната средина „Гринпис“ денес се качија на новото седиште на Европската Унија во Брисел и развија огромен транспарент со кој предупредуваат на климатската вонредна ситуација, и тоа неколку часа пред самитот на лидерите на ЕУ за борба против глобалното затоплување.

 

Околу 30 активисти во црвена облека и со опрема за качување стоеле на скелето покрај зградата на Европа додека долу се собрала полиција, а над нив кружел и хеликоптер.

 

„Членовите на Гринпис успеаја да се качат на зградата преку скали на стар пожарникарски камион и имаат доволно храна за два дена“, изјави портпаролот на „Гринпис“, Марк Бреди.

 

Некои западни медиуми објавија дека биле приведени околу 20 активисти кои се наоѓале на земја.

 

Лидерите на ЕУ се очекува на самитот да ги усвојат насоките за долгорочната стратегија на Унијата во борбата против климатските промени, што ќе се темели врз остварување на „климатски неутрална Европа“ до 2050 година.

 

Посиромашните земји членки на Унијата што се зависни од јаглен стравуваат дека може да бидат сериозно погодени од трансформацијата на енергетските ресурси.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.