Мегленски : Ме менуваат луѓе кои не дошле на стадион, Победа е клуб без опрема, без доктор и физиотерапевт

Тони Мегленски од денеска повеќе не е тренер на Победа по катастрофалната есенска полусезона, по што клубот е поблиску до испаѓање во Третата македонска лига, отколку враќање во Првата лига. Но стратегот на прилепчани тврди дека воопшто не е известен за одлуката на Управниот Одбор за негова смена. Мегленски истакна и тоа дека клубот се соочува со огромни проблемии за кој тој не е виновен.

 

„Управниот одбор не ме извести за одлуката, но не сум изненаден, бидејќи јас не ни знам кои луѓе се членови на тој Управен одбор, бидејќи никој од нив не дошол на натпревар на Победа цела полусезона. Моето заминување е најмал проблем. Јас пред два месеци се повлеков, но на инсистирање на фудбалерите ја довршив есенската полусезона. Јас никогаш не сум ги изневерил фудбалерите и никогаш нема тоа да го направам. Пред нив сум чесен и професионален. Што се однесува до екипата и играчкиот кадар, убеден сум дека со оваа екипа, резултатот е максимум. Ние сме клуб кој нема опрема, кој на гостувања патува без доктор и физиотерапевт и многу работи недостасуваат за да бидеме тоа што Победа заслужува да бидe“, изјави Мегленски.

 

Сега на потег се прилепчани, да се обезбеди побогат буџет со кој би се составил поквалитетен тим за опстанок во Втората лига. Инаку Мегленски пристигна во Прилеп минатата сезона кога Победа испадна од Првата лига, а сезонава по 14 кола освои само 11 бодови и сега се наоѓа блиску до зоната за испаѓање.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.