10% повисоки плати за вработените во образование од 1 јануари

Од 1 јануари, над 32 илјади вработени во образованието и науката ќе добијат повисоки плати за 10 проценти. Спогодбата за покачување на платите беше потпишана денеска меѓу Самостојниот синдикат на образование наука и култура (СОНК) и Министерството за образование.

 

Повисоки плати ќе добијат околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции.

 

Претседателот на СОНК Јаким Неделков кажа дека се задоволни од покачувањето на платите, но најави дека во наредниот период ќе продолжат со своите барања за подобар статус, како потпишување колективен договор, исплата на регрес и патни трошоци.

 

Министерот за образование Арбр Адеми вели дека е свесен за проблемите во образованието, па затоа разговорите со синдикатот ќе продолжат.

 

„Ние сме во постојани разговори и преговори за сите прашања поврзани со образованието и науката. На овој начин ќе придонесеме да се подобри статусот на сите вработени во образовниот сектор. Верувам дека со ваквите политики ќе продолжиме да го враќаме достоинството на професијата наставник во нашето општество“, рече Адеми.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.