ВИДЕО – Прилеп останува да биде лидер во селекцијата на отпад, пуштена со работа новата преса за балирање и пресирање

Прилеп и понатаму останува да биде лидер во селекцијата на отпад во Македонија. Денеска официјално со работа беше пуштена новата преса за балирање на сите видови хартија, картон, пластика и други материјали. Пресата чини 3.690.000 денари, а прилепски „Комуналец“ ја набави со средства од проектот „БИО – РЕАЛ“, од програмата на Европска Унија Интеррег – ИПА, прекугранична соработка со Грција. Оваа современа автоматска преса заменувала 10 работници, со што се обезбедувала работна сила за побрза селекција на отпадните материјали. Со овој проект, „Комуналец“ претходно набави и комунално возило за собирање на смет во вредност од преку 3.700.000 денари.

 

 

Оваа хидраулична преса многу ќе помогне во Комуналец, ќе ја забрза нашата работа ќе ја подигнеме продуктивноста на повисоко ниво и ќе можеме да одговориме посовремено и помодерно на потребите и барањата за селекцијата на отпад“, истакна Ирена Станковска, директор на „Комуналец“ – Прилеп.

 

„Општина Прилеп продолжува со субвенционирање на ЈКП „Комуналец“ за наредната година ќе бидат одвоени 20 милиони денари за модернизација и осовременување на возниот парк и целата опрема која што им е потребна“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Прилеп годишно селектира околу 1.200 тони различни видови на отпад, од кој најзастаpени се хартијата и пластиката. Според некои проценки се претпоставува дека во Прилеп се селектира околу 25% од вкупниот отпад.

 

Процесот сега е многу побрз, олеснета е работата на работниците, со оваа преса може да се преработат 4.000 кг на час. Сама си врзува, се е автоматско. Месечно се преработува 100 тони отпад, од кој 70% е хартија, 20% пластика и 10% најлон“, кажа Диме Велески, раководител на одделение за селекција на отпад.

 

Инаку ова е единствена ваква современа преса во Македонија за селекција и балирање на отпадот.

 

„Задоволни сме што проектот се доведе до крај, што успешно се работи тука. Се надеваме дека Комуналец успешно ќе ја користи пресата и дека и понатаму добро ќе се соочува со предизвиците ококлу селектирањето на отпадот“, рече Роберт Мицковски, претставник на фирмата „Еко Клуб“ преку која се набави пресата.

 

Инаку освен во градот „Комуналец“ подели и корпи за селекција на отпадот и во повеќе села во Општината. Примарната селекција на отпадот во Прилеп се спроведува околу 10 години.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи