ВИДЕО – Традиционално се подготви Бадниковата трпеза во Прилеп од страна на членките на „Преродба“

Со македонската коледарска песна „Коледица Варварица“ коледарчињата денеска во Прилеп го најавија Христовото раѓање и беа дарувани од домаќините на куќите кои ги посетија, а прилепските домаќинки пак од здружението „Преродба“ по 14-ти пат ја подготвија традиционалната посна Бадникова трпеза составена од мали посни сарми, гравче, мазник со ориз, мекици, костени, ореви, разни овошја и други посни специјалитети. Секако тука се и големиот број обичаи поврзани со Бадник. Бадник и Божик се празнуваат како семејни празници и затоа се вели „Кај и да си пред Божик по Божик дома да си“. На трпезата се запееја и традиционалните песни.

 

 

Бадник е убав ден бидејќи се раѓа Христос, сето тоа носи радост во куќата во фамилиите, доамќините се радуваат, па ако се роди и женско дете велат дека ќе биди бериќетна годината, стоката да се јагни женски јагниња, со се да напредува, да има живот, среќа, радост и да не се откажува традицијата. Ова е семеен празник се вели „Кај и да си пред Божил, зад Божик дома да си“, за Бадник дома сиите да седниме заедно на трпезата посна, да вечераме, да си дадеме благослов за да ни биде годината бериќетна“, кажа Писана Ангелеска, член на здружение „Преродба“.

 

„Уште рано наутро малите коледарчиња со стапчињата во раце и торбињата, тргнаа од куќа во куќа со песната „Коледица Варварица“, од секоја куќа беа почестени со оревчиња, костенчиња, јаболчина, парички и друго. Сега вечер е Бадник. На Бадниковата трпеза сите се собираат заедно, каде и да се, мора дома да се вратат. Во некои краеви се става лепче со паричка, кај нас тоа се става на Василица. Се прави мазник, кој со ориз, кој со грав, кој со лук, посни сарми, грав“, рече Мита Петкоска, член на здружение „Преродба“.

 

Домаќинките од „Преродба“ велат дека нивната цел освен добрата дружба е овие обичаи и адети да останат како традиција и на идните поколенија. Едни од тие обичаи за Бадник во Прилеп се тоа што за разлика од другите градови во бадниковото лебче не се става паричка, таа се става дури на Василица, а интересно е и тоа што трпезата останува да биде поставена преку целата вечер.

 

Пред се здружението „Преродба“ е за зачувување на традицијата и пренесување на истите традиционални вредности на младите. Сакаме да се зачуваат и понатаму да се пренесуваат. Ние Македонците го имаме ова од нашите баби и мајки и сакаме и нашите идни поколенија и понатаму да го пренесуваат. Бадник е последниот ден од Божикните пости, затоа и трпезата е посна. После вечерата останува се на масата како што се вечерало и се верува дека Господ слегува да вечера и затоа трпезата сакаме да остане поставена“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение „Преродба“.

 

Но постарите прилепчанки велат дека сепак дел од младите како да подзабораваат на традицијата и наместо Божик и Бадник да бидат празници на семејството, кога сите ќе бидат собрани на едно место, тие се повеќе за овие денови заминувале на патувања и екскурзии.

 

Колку иди времето толку младиве и го применуваат, а исто така и не го применуваат. Пораката е сите да го почитуваат овој ден, бидејќи има многу кои кога ќе дојде голем празник клучот на врата и заминуваат на излет. Така не смее да биди, тие не се верници според нас, по наше. Треба вака да си бидат на масата како ние сега што седиме“, кажа Горица Илиеска, член на здружение „Преродба“.

 

Инаку денеска во Прилеп по 6-ти пат треба да се одржи и Бадниковата поворка каде дечињата ќе ја носат макетата на пештерата во која се родил Исус Христос, традиционално тргнувајќи од црквата „Свети Кирил и Методиј“ и ќе ја пејат песната „Вечниот Бог“ низ прилепските улици.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.