За 3 дена Боки 13 потрошил 148.000 евра на шопинг во Италија, денес достави документ дека има рак на желудник

За само 3 дена Боки 13 потрошил 148.000 евра на шопинг во Италија само неколку дена откако ја зел торбата Луј Витон од кај Орце Камчев каде иамло 1,5 милион евра. На денешното судско рочиште биле прикажани над 20 фискални сметки на износи од 300 па се до до 9.000 евра и повеќе.

 

Инаку на рочиштето беше прикажано и тоа дека Фросина Ременски знаела кога ќе се решава за притворот на Камчев и кои судии од апелација ќе ја носат одлуката. Пораки меѓу пратеничката Фросина Ременски и Боки 13 се дел од доказите за случајот Рекет. Во два наврати комуницирале преку апликацијата „вацап“. Првиот пат на 24 декември 2018-та, во време кога жалбата за притворот на бизнисменот Орце Камчев беше во скопска апелација. Пратеничката напишала кога ќе се одлучува за жалбата и кои судии ќе одлучуваат.

 

Фросина Ременски му пишува : „Моите информации се дека утре Апелација ќе одлучи за притвор на Орце. Сафет, Цветанка Периќ, Јани Нича наводно утре ќе одлучуваат провери го ова“

 

Меѓу смс-пораките кои беа прочитани на денешното рочиште беа и оние помеѓу Јовановски и Јанева. Во неколку пораки Јовановски и испраќа фотографии од мебел на обвинителката, а во една од пораките и пишува „Одбрав, стигнати се“!

 

Во доказниот материјал беа читани и пораки меѓу Камчев и Јовановски, во кои се споменуваат недвижен имот како гаранција од над два милиони евра за да биде пуштен од притвор. Јовановски комуницирал и со осомничениот во „Империја“, Дејан Панделевски исто така во врска со судски одлуки и решенија, а во неколку пораки се споменува и сума од 500 која најверојатно Панделевски требало да му ја исплати на првообвинетиот Јовановски.

 

„Што ме гледаш, корумпирана обвинителке, вршиш тортура врз мене“ и „Господ ќе ти врати“, беа дел од навредите што Боки ги упати кон обвинителката Русковска.

 

Бојан Јованоски приложи наоди од новите испитувања, со кои му бил дијагностициран рак на желудникот.

 

По денешното рочиште, адвокатот Дуковски излезе пред новинарите со документ – дијагноза издадена пред два дена од Градската болница „8 Септември“.

 

„Обвинетиот не е во состојбата да го следи судењето, не бараме ние одлагање, сакаме да ја утврдиме вистинската фактичка состојба, но со човек кој е во состојба да го следи судењето. Со човек кој постојано повраќа крв и не е во состојбата да следи судење, не може да се одвива еден фер предмет. Од тие причини денеска веднаш ќе биде поднесено барање за преиспитување на постоењето на околностите за понатамошно задржување во притвор. Ако ова документација издадена од супспецијалист не ја докажува неговата здравствена состојба, покрај повеќето од 20 извештаи претходно, не знам што друго да се направи. Понатамошното следење на предметот во таква состојба ќе претставува тортура и ние тоа нема да го дозволиме“, изјави Дуковски.

 

Според обвинението за „Рекет“, Јанева, првоосомничениот Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на сведокот, бизнисменот Орце Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.