ВИДЕО – Општина Прилеп оддели 6 милиони денари за субвенционирање на инвертори и велосипеди

На денешната 40-та седница, членовите на општинскиот Совет го усвоија правилникот за надоместување на дел од трошоците за купување на клима уреди и велосипеди, за граѓаните од општина Прилеп.

 

 

Исто така, советниците го усвоија кварталниот извештај за извршување на буџетот на Општина Прилеп за четвртиот квартал од 2019 година и предлог одлуката за проширување на средствата на буџетот за 2020 година.

 

„Од буџетот на Општина Прилеп се одделени 4 милиони денари за субвенционирање на набавка на клима уреди и 2 милиони денари за велосипеди. Со усвоениот правилник, на граѓаните ќе им бидат субвенционирани 50% од цената на трошоците, а најмногу до 10.000 денари за инвертори и 5.000 денари за велосипеди. Постапката за аплицирање ќе биде на основа на принципот ‘прв дојден, прв услужен’, врз основа на искуството кое го имале другите општини и Министерството за економија. На денешната седница советниците го усвоија Годишниот извештај за реализирани активности на Детски градинки ‘Наша иднина’ и дадоа согласност на Програмата за реализација на дејноста, со финансискиот план за 2020 година на Градската библиотека ‘Борка Талески’. Советниците ја изгласаа и предлог одлуката со која на Евгенија Најдоска и’ се доделуваат средства во висина од 250.000 денари, кои беа собрани на турнирот во мал фудбал ‘Свети Никола 2019’, за натамошно лекување на нејзиниот малолетен син Дејан Најдоски“, истакна Миле Талевски, претседател на Советот на општина Прилеп.

 

Меѓу другото, советниците ги усвоија измените и дополнувањата на Програмата за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Прилеп, а донесоа и повеќе одлуки за легализирање на бесправно изградени објекти.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.