ВИДЕО – Во вторник музичко шоу на прилепските актери со групата The Hounds

Како дел од одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на прилепскиот театар „Војдан Чернодриски“ во вторник во 19 часот прилепските актери ќе изведат вистинско музичко шоу заедно со членовиоте на прилепскиот бенд The Hounds, насловено како „Move the beat with the actors and The Hounds“.

 

 

„Насловот на овој настан е „Move the beat with actors and The Hounds“. Зборот „beat“ нема потреба да го објаснувам, етимолошки во нашиот јазик го употребуваме како битисување, да се помрднеме од ова наше денешно живеење, проживување, живуркање, битисување, и едноставно да го славиме животот. Наше големо задоволство и среќа, овој проект го правиме во соработка со веќе добро познатите „The Hounds“. Нашата цел, или идеја, или желба, како сакате да го наречиме, беше да им покажеме нешто што го носиме како генерација, еден поинаков сензибилитет. Неделата на славење на 70 години на театар „Војдан Чернодрински“ започнува со премиера, тоа веќе го знаете, каде што на некаков начин се дава значење и благодарност до повозрасната генерација, која на ваков или онаков начин успеала да го одржи во живот овој наш таканаречен театар. Така да таа недела се почнува со нив, додека во вторник стартуваме со нешто експлозивно, со нешто опуштено, каде сите треба да се забавуваме и да уживаме во тоа“, истакна Даниела Иваноска, актерка.

 

„Апсолутно наша чест е и со задоволство ја прифативме поканата, едно затоа што слави огромен јубилеј што нас ни значи како љубители на театарот, а друго што работиме со исклучитечно талентирана група што пробува да направи нешто во услови, каде што има услови да се направи ништо. Ако нема ентузијазам ваков каков што имаат овие дечки, не е ова ништо возможно, оти за тие хонорари што го работат, стварно се даваат и здравјето го оставаат за оваа институција затоа што веројатно им значи. На страна тие работи, ние спремаме во вторник музички и актерски перформанс, што би траел од прилика 70-80 минути. Вложено е сериозно време и сериозна работа, огромна посветеност од овие луѓе и навистина би сакале да успее овој проект и би сакале и понатаму да живее“, рече Златко Карчески, вокал во групата The Hounds.

 

Инаку од од театарот „Војдан Чернодрински уште еднаш се пожалија дека веќе 15 години не се правен субјект туку дека работат под капата на Центарот за култура Марко Цепенков.

 

„Ние останавме театар да работиме, не сме правен субјект, фирма без печат. Ние сме во состав на Центар за култура еве веќе 15 години. Меѓутоа тоа сепак не не поколебува да кажеме дека ние работиме и се чувствуваме така, дека сме театар Војдан Чернодрински. Затоа сакавме да пишеме „Ваш Војдан Чернодрински“. Не сакавме да стои ни Центар за култура, ни како што ни правеа лани. Не е насочено кон никој, не е директно кон некој, туку тоа што го носиме со нас, оваа млада генерација што го носат, сакаат да го покажат револтот едноставно кон оваа држава, кон овој систем, не конкретно кон одредени личности. Системски е проблемот кај нас со театарот, не може само еден да се обвини за ова, или друг да се амнестира. Системски е нашиот проблем, од 2004 ние не постоиме како правен субјект, не пишува никаде театар „Војдан Чернодрински“, ние сами си ги ставаме, си ги пишуваме и на плакатите, и на флаерите, рекламниот материјал. Без „Војдан Чернодрински“ никаде не одиме. Тоа си го носиме и овие дечки, многу ми е ќеф, ако се многу помлади од нас, многу повеќе се борат тоа да го задржиме, да не речам од нас постарите, и затоа многу сум им благодарен. Ова сакав да го објаснам да не ве збуни. Ние чувствуваме дека 70 години одбележува театарот „Војдан Чернодрински“, истакна Стојан Дамчески, раководител на театарот.

 

„Јас само можам да кажам дека сум, пресреќна можеби е мал збор, радосна дека случува вакво нешто, синергија на уметниците од овој град. Се надевам дека ќе разбуди нешто кај сите луѓе. За третманот од државата и Министерството за култура веќе 100 пати е кажано и целта не е да се жалиме или да плачеме, но да уживаме и да покажеме дека го заслужуваме приматот на театар, како правен субјект, името „Војдан Чернодрински“, кое за жал не знам зошто нон стоп се прескокнува и на никој баш не му е гајле, но тоа што го носиме ние како уметници никој не може да ни го земе и ниту пак ќе не замолчи, така да остануваме гласни“, рече Даниела  Иваноска, актерка.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.