ВИДЕО – Со премиерата „Лажговци“ започнува одбележувањето на 70 годишнината од прилепскиот театар

Со премиерата на претставата „Лажговци“ на Коле Ангеловски, во понеделник започнува одбележувањето на 70 годишнината од постоењето на прилепскиот театар. Освен оваа во текот на идната недела ќе бидат прикажани и претставите „Семејни приказни“, „Ништо без трифолио“, „Пиреј“, „Глембаеви“ и детската претстава „Приказна за ветерот и месечината“. Во вторник пак ќе иима музичко шоу на актерите со групата The Hounds.

 

 

„Желбата беше повозрасните актери, а сега морам слободно да речам и старите актери, бидејќи од нив постари нема, од нас значи 5 мина, да бидат вклучени во таа претстава. Се сеќавате на претставата „Од кол на кол“, се уште е на репертоарот, изиграни над 115 претстави, 11 години е на репертоарот на театарот и тоа е буквално истата екипа од таа претстава, со тоа што реков Јасмина Мицоска Станкоска е уште во претставата, инаку тука е и Трајче Иваноски, како наш доајен и пензионер. Премиерата требаше да ја дадеме на крајот од годината, беше закажана за 26 или 27 декември, меѓутоа поради здравствени причини на еден актер мораше да биде пролонгирана. Се оддолжи неговото лекување и рековме Коле, како што се договоривме во 2018 испадна точно, и еве во предвечерието на 17 февруари ќе ја дадеме премиерата и на некој начин ќе го почнеме одбележувањето на 70 годишниот јубилеј. Коле е најзастапен кај нас, 36 режии во нашиот театар, по број на претстави најмногу одиграни. 2 претстави влегуваат трајно во историјата на театарот, ќе треба време да помине за да се надминат, тоа се „Солунски патрдии“ со над 100 изведби и „Од кол на кол“ со над 115 изведби“, истакна Стојан Дамчески, раководител на театарот.

 

„Оваа претстава е на некој начин сосема поинаква од сите овие комедии што сум ги правел досега. Значи тоа биле комедии на ситуации, брканици, мажи, жени, ова е една сосема друга, друг тип на комедија, ова е една црна комедија. Дејствието на оваа приказна се случува ден пред Нова Година. Двајца полицајци пред пензија, од Нова Година одат во пензија, треба да дојдат кај едни луѓе, стари, и да им соопштат една многу лоша вест. Сега кој од нив двајца да ѕвони на врата, да тропни на врата, да им ја соопшти таа вест. Од тука тргнува приказната, хуморот и ситуациите се темелат врз едно недоразбирање, една трагична ситуација и каде се преплетуваат лаги, измислици, недоразбирања, така да ова е малку почудна комедија од другите што сум ги правел“, вели Коле Ангеловски, режисер.

 

Актерите кои се дел од екипата на претставата се оние од постарата генерација.

 

„Камо да си дочекаме уште многу јубиели, среќни сме, се прават некој мјузикл, очекуваме публика и здравје, нека дојди публиката да гледа, да се смее и да ужива“, рече Виолета Чакарова, актерка.

 

„За моја среќа или судбински некако ми беше прва професионална улога кога влегов во овој театар, играше многу таа претстава, околу 100-тина изведби. После следеа многу, скоро во сите претстави што Коле тука ги режирал имам играно, освен 3-4 од тие 36 и по игра на судбината и кариерата еве пак ја завршувам кај Коле Ангеловски. Да се надевам дека ќе ми даде уште некоја улога за овие 3-4 години. Меѓутоа така на некој начин, можам да кажам бидејќи ова е така поприлично голема улога што сега ја играм во „Лажговци“ и мислам дека кариерата на некој начин тука би се завршила“, кажа Марјан Чакмакоски, актер.

 

„Јас сум од таа генерација што ги начекав и старата генерација, оние баш основоположителите на овој театар, што почнале од 50-тите години, затоа што како аматерка стапнав во овој театар во 1972, а од 1982 сум професионалец, и многу ми е мило што сега сум со најмладата генерација“, додаде Цветанка Чавлеска, актерка.

 

„Мене ми е многу големо задоволство затоа што јас како помлад актер сум заедно со повозрасните актери, заедно на сцена и спремаме една претстава која навистина мислам дека ќе биде претстава што ќе биде гледана и што ќе биде барана. Големо е задоволството да се работи со повозрасните колеги, исто и големо е задоволството да се работи со Коле Ангеловски. Моите почетоци на оваа сцена, професионални почетоци се поврзани токму со него, исто како и повозрасните колеги, значи неговата присутност кај нас е многу голема и многу значајна за овој театар. Го почитувам и го сакам и како режисер и како човек“, изјави Јасмина Мицовска Станкоска, актерка.

 

Инаку во моментов прилепскииот театар е еден од најреномираните театарски ансамбли во Македонија со бројни домашни и меѓународни награди. 350 премиери, 7.000 изведени претстави кои ги гледале над 1,5 милион луѓе. За прв пат завесата се кренала за претставата „Кир Јања“ во 1950 година на 18 февруари.

 

„Имено градскиот народен одбор есента 1948 година донесува одлука со која се формира градскиот народен театар Прилеп. За неколку месеци со ентузијасти од Прилеп, десетина, кои главно работат во театарската група на културно уметничкото друштво „Мирче Ацев“ и други ентузијасти кои уште пред војната работат во културно просветните друштва, како што е Коста Абрашевиќ, како што е Трезвената ложа каде што има секции театарски, така да од тие ентузијасти се формира прилепскиот театар. Првата завеса како што реков е подигната на 18 февруари со претставата „Киријајна“ од Јован Поповиќ, во режија на Аце Михајловски. Во овие 70 години имало успони и падови, можеби последните години некако се најуспешни, каде покрај на македонската сцена добиваме награди и како онаа во Сараево на претставата „Тапани во ноќта“ како и онаа во Љубњана на претставата „Кафкаски круг со креда“. На крајот посакувам уште многу успешни години, уште многу успешни настани, претстави. Да кажам и тоа, дека во историјата на театарот прикажани се околу 370 премиери, околу 7.500 претстави, а истите ги гледале над 1.6 милиони посетители“, потенцираше директорот на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.