ВИДЕО – Протест на жителите од Средорек и Вранче, 30 години заборавени од државата, бараат асфалтирање на патот

 

Само околу 2 километри ги делат жителите на селото Средорек во Општина Долнени за да се поврзат со остатокот на светот. Сега тие живеат како пред 100 години. Ниту една Влада од осамостојувањето на Македонија не сакала да им го асфалтира патот од нивното село до селото Вранче кој е земјен пат со огромни дупки. Крајно се револтирани на институцииите кои не сакале ниту да ги примат за само 2 километри асфалт. Дел од жителите веќе размислуваат за иселување.

 

 

„Комбето не доаѓа да ни ги земе децата за на училиште. Такси шанси нема да дојде до тука. Градоначалникот не сака да не види, а не да не прими. По 50 евра ни земаат за патишта кога ги регистрираме возилата, епа сега нека ни ги вратат тие пари, сами ќе сии го поправаме патот“, рече Коле Петрески, жител на с. Средорек.

 

„Во зима ниту камион можи да дојди да го исчисти патот, ништо. Буквално сме отсечени од светот, проблемите се големи и ние мораме да започнеме да размислуваме за отселување“, додаде Киро Пројчески, жител на с. Вранче.

 

Во ништо подобра состојба не се ниту жителите на соседно Вранче кои се поврзани со асфалтен пат со селото Бело Поле, но патот е во катастрофална состојба и наликува на минско поле. Велат дека неможат да го развиваат земјоделието поради тоа што ниту една компанија не сакала да доаѓа во овие 2 села поради лошите патишта.

 

„Јас сум тој што носи млеко, секој ден носам по 100-150 литри, зависи кој ден како. Но по 5 или 10 литри од него кога носам ми се истура во возилото. Сами видовте каков е патот. Молевме кај градоначалникот, 2-3 пати, само еднаш набрзина не прими, вели немам време за вас“, кажа Димче Ристески, жител на с. Средорек.

 

„Ниту еден камион не доаѓа да ни донеси ѓубре земјоделието. Ниту една млекара не можиме да донесиме конкуренција за млекото, ни го земаат ефтино, само заради патот не доаѓаат. Нас не не интересира која партија е власт. Беа и ДУИ, па СДСМ, па ВМРО-ДПМНЕ, сега пак градоначалник е од ДУИ, но нема ништо. Нас ни треба пат, а не политика. Ние сме земјоделци, не бараме работа, ние бараме нашето да си го продадеме. Не доаѓаат ниту јагнињата да ги продадеме, не можеме да функционираме никако“, изјави Дарко Николоски, жиител на с. Вранче.

 

Од Општина Долени истакнаа дека без државна помош тие неможеле да направат ништо, пари за асфалтирање или пак тампонирање на целиот пат немало. . Жителите на Средорек и Вранче пак најавуваат можно радикализирање на протестот.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи