Деца, семејство, домаќинка, чистење, перење, готвење и одење на нива. Ова се првите стереотипни синоними кои асоциираат на тоа кога ќе се спомене рурална жена или жена која живее на село. Образование, лично надоградување и следење на соништата како да не треба да постојат за овие жени. Но за среќа овој менталитет кај нас започнува да се менува.

Жените од руралните средини се повеќе докажуваат дека во исто време може да се носат рамо до рамо со урбаните жени, но и со мажите. Од една страна успешно да работат земјоделските работи, да се грижат за семејствата, но во исто време да го следат ио својот сон.
Гордана Цветаноска е еден успешен пример за тоа. Живее на село, работи земјоделие, има сопствен бренд на производи, но од друга страна е и новинар кој со својата работа влијае врз развојот на локалната заедница во градот. Вистински пример за една локална хероина и лидерка.
„Јас тука учев во основното училиште Страшо Пинѓур, потоа гимназија и практично поголемиот дел од животот сум тука во Мало Коњари и никогаш сум немала желба да живеам во град. Можеби е тоа една нераскинлива врска со природата, можеби е до воспитувањето затоа што сепак ќе кажам зависи и од домашното воспитување да си го сакаш родното место, да си го сакаш местото каде си израснал и да си ја сакаш природата, бидејќи таа е клучот на животот. Животот в село е посуров, но ако некој има амбиција, ако има некаква цел може да ја оствари, апсолутно не станува збор дека ќе има повеќе пречки отколку останатите, се зависи од амбициите кои човек ги има“, вели Гордана Цветаноска, новинар и жена земјоделец.
Цветаноска вели дека се уште постојат поделби на машко – женски работи, но во селото тоа е повеќе надминато од градот затоа што на село секој треба се да работи за опстои семејството.
„Искрено да ви кажам мислам дека по селата нема толку стереотипи како што има во градот, бидејќи во селото ако сакаш да опстаниш мораш да си ги поделиш обврските, и жената да биде понекогаш вклучена во машките работи, кога станува збор за работа во поле, на нива, и обратно, мажот треба да и помогне на жената кога станува збор за домашните работи и тоа верувам дека апсолутно тука никогаш не станува збор дека мора да бидат така поделени, ти маж мораш да и помагаш или и помагаш на жената“, додаде Цветаноска.
„Бавчика“ е името на нејзиниот земјоделски бренд кој што го пласира низ цела Македонија, ајвари, пинџури, доматен сос, разни слатка…
„Ова се дел од производите на бавчика, дел од асортиманот, оваа година како продолжувате, планирате да се проширувате, планирате нови производи?
Најверојатно ќе има пак некои нови производи, нема да биде поголема земјоделска површина опфатена затоа што сметаме дека е многу поважно да се заштити пред се од сончевото зрачење и можните појави на град, па планираме тоа да бидат 3 оранжерии кои ќе бидат заштитени со зелена мрежа, која ќе го заштити производството“, вели Цветаноска.
Новинарството е моќна професија која го претставува гласот на народот, но исто така и се влијаје врз општествените текови за создавање на подобро општество за сите нас.
„Најчесто тука се наоѓаат гостите кои ти ги прашуваш, сега еве можеби јас во твоето радио ќе бидам како водител и ќе те прашувам тебе. Од нивата стигнавме на второто работно место, а тоа е Радио Пела, каде ти го оствари твојот втор сон да кажеме. Како е да се биде, да ја имаш моќта да го пренесуваш практично гласот на народот?
Сон на секој новинар е да има свој медиум, заради тоа што на таков начин ќе дојде до израз таа слобода на изразување која во основа ние новинарите ја имаме во себе и на таков начин немате надредени кои ќе ви кажат ова не може да оди во етер, ова не може да оди во етер и практично сте слободни како птици. Тоа беше и сонот за отворањето на ова радио, на овој медиум. Сонот е нешто кој секој човек го има, битно е да се има храброст, да се има доверба во себе и цврсто да се чекори по патот кој што сте го зацртале можеби како мало дете, како мало девојче, но никогаш да не се напушта, дури ни во услови кога имате милион пречки пред вас“, истакна Цветаноска.