Стапката на невработеност во државава во четвртиот квартал лани изнесува 11.9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика. За споредба во третиот квартал стапката на невработеност беше 12,3 отсто.
„Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2024 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 795.321 лице, од кои вработени се 700.526, а 94.795 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 52.5, стапката на вработеност 46.2, додека стапката на невработеност изнесува 11.9“, се наведува во извештајот на ДЗС.

Податоците од извештајот велат дека од 1,5 милиони граѓани кои се во категоријата работоспособно население, активни на возраст од 15 до 89 години се речиси 800 илјади лица. Има и 719 илјади неактивни граѓани, односно лица кои не се пријавуваат во Агенцијата за вработување или не бараат ново вработување.
Сето ова се случива во време кога потребата по работен кадар е клучниот проблем на глобалната економија. Во земјава во моментов недостасуваат 10 илјади работници, кои доколку побараат денеска работа утре ќе бидат во редовен работен однос. Работодавачите велат дека повеќе не се штеди на дообука и преквалификација на работната сила, бидејќи таа е дефицитарна во сите сектори.