ОЈО Прилеп покрена постапка за обид за убиство и бара притвор за напаѓачот на социјалната работничка во Прилеп

Прилепското Основно јавно обвинителство побара притвор до 30 дена за напаѓачот кој вчера околу 14 часот вооружен влезе во просториите на Центарот за социјални работи Прилеп и со огнено оружје повреди вработена социјална работничка.

„Пред судија пуштен е предлогот за притвор до 30 дена поради основан страв дека осомничениот ќе се даде во бегство и ќе влијае на сведоците, како и поради опасност од повторување на делото“, истакна основниот јавен обвинител, Стевчо Биноски.

Биноски нагласи дека се бара истражна постапка за кривично дело обид за убиство од член 123, став 2 во врска со член 19 од КЗ како и за кривично дело неовластено држење оружје од член 396, став 3 во врска со став 1.

Како што информираат од ОЈО, лицето со оружје марка „берета 950 Б“ со калибар 6,35 милиметри, кој го поседувал без дозвола, започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.

„Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината“, вели Биноски.

Според Обвинителството, по пристигнувањето на полициските службеници и неговото приведување, покрај пиштолот кај него бил пронајден и одземен и еден нож.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи