Продолжи доделувањето на благодарници за учесниците во гаснењето на пожарот кај Трескавец

Во големата сала на Општина Прилеп и денеска продолжи доделувањето на благодарници за учесниците во гаснењето на пожарот кај Трескавец. За учеството и помошта при справувањето со огромната огнена стихија благодарници добија јавните претпријатија од Прилеп, приватни компании и голем број доброволци.

„Денеска продолжуваме со доделување на благодарници за луѓето кои беа ангажирани за справувањето на пожарот околу манастирот Трескавец и другите пожари кои се појавија во нашата Општина. Тука има голем број граѓани, припадници од јавниот и приватниот сектор и оваа благодарница е најмалку што можеме да направиме како локална самоуправа за да им се заблагодариме за нивното учество и за се она што направија“,  истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Доброволците кои учествуваа во гаснењето на пожарот кај Трескавец истакнаа дека неколку дена со надчовечки напори се бореле огнот да не го зафати повторно ова наше култно светилиште.

„ТППЕ Кривогаштани веднаш по дојавата дека се бара помош за спасување на манастирот Трескавец се одзвавме на апелот и заедно со нашиот градоначалник Тони Заткоски организиравме екипа. Ние останавме на Трескавец 4 дена и успешно ја завршивме нашата задача“, вели Зоран Дунимаглоски, командир на ТППЕ Кривогаштани.

„За прв пат учествував во гаснењето на еден ваков голем пожар и морам да признаам дека беше навистина страшно. Огнот се ширеше со голема брзина бидејќи дуваше силен ветар. Се трудевме колку што можевме и мислам дека со сите сили успеавме да го запреме огнот да не дојде до манастирот“, кажа Мухарем Јашароски, доброволец.

На различни локации во Општина Прилеп учествуваа повеќе стотини доброволци. Освен околу манастирот Трескавец пожари беснееја и кај селата Бонче, Крушевица, Никодим, Дрен-Смолани и други места.

„Заедно со жителите на село Крушевица активно учествувавме во гаснењето на големиот пожар кој се појави околу селото. Пожарот од местото викано Липов дол за кратко време се префрли веднаш до селото Крушевица во должина од 5 км. Од десната страна на патот се зафати целата површина со сува трева, грмушки, дабова и липова шума. Исто така поради силниот ветар огнот се приближи и од страната на атарот на селото Бонче. Пожарот беше буквално до самите куќи на селото и постоеше голема опасност Крушевица целосно да изгори. Сите жители зедовме активно учество во гаснењето, а на помош дојдоа и припадници на ЈП „Македонски шуми“, кажа Марјан Стеваноски, доброволец од с. Крушевица.

Доброволците уште еднаш потврдија дека и во иднина доколку се појави ваква непогода Општина Прилеп може да смета на нивното учество.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи