Трескавец масовно посетен на празникот Успение на Пресвета Богородица

Стотици граѓани присуствуваа на вечерната богослужба за празникот Успение на Пресвета Богородица, или меѓу  народот познат како Голема Богородица, која се одржа во манастирот Трескавец, во црквата која го носи името на Успението на Мајкaта Божја. На божествената литургија присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој и покрај загриженоста за случувањата со огнената стихија што постојано му се заканува на манастирот овие денови, беше среќен што многу прилепчани го посетија Трескавец и беа дел од божествената литургија.

 

„Прилепчани на овој голем христијански празник, Успение на Пресвета Богородица, масовно, пеш низ планинскиот предел, го посетуваат манастирот Трескавец  зашто тоа е наша вековна традиција. Но, оваа година  им препорачувам, поради пожарите и опасноста од нив, кои немилосрдно ја уништија прилепската околина, до манастирот Трескавец на овој убав христијански празник, Успение на Пресвета Богородица, да доѓаат по асфалтниот пат, кој е побезбеден“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

 

Отецот Калист им посака добредојде на сите оние кои намериле да дојдат во дворот на Мајката Божја.

 

 

„Многу сум благодарен на Бога што живеам во еден манастир кој што е изграден со љубов на прилепчани кои покажуваат, пак, огромна љубов кон Мајката Божја и опстојуваат со векови со таа љубов. Покрај сите искушенија што ги поминавме со пожарите и се што ни се случи во последните недели поврзано, пак, со пожарите, гледам дека манастирот е полн со прилепчани кои не дозволуваат да бидат спречени да не дојдат тука на овој ден“, рече отецот Калист по синоќешната богослужба посветена на Успението на Мајката Божја.

 

По повод христијанскиот празник, Голема Богородица, односно, Успение на Пресвета Богородица градоначaлникот на Прилеп, Марјан Ристески, синоќа го посети и манастирот Св.Никола во населеното место Прилепец.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи