ВИДЕО : Одбележани 73 години од смртта на Методија Шаторов – Шарло

Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Методија Шаторов – Шарло кој се наоѓа во центарот на Прилеп, денеска беа одбележани 73 години од смртта на овој наш голем револуционер. Свежо цвеќе положи делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески, делегација од Здружението на борци од Прилеп, претставници на политичките партии и голем број на граѓани.

 

„Ние како Здружение на борци секоја година оддаваме почит на нашиот сограѓанин и голем револуционер Методија Шаторов – Шарло. Важно е да се потенцира тоа дека Шарло не е само револуционер од една помала област, како Македонија, туку тој е и интернационален борец кој дал голем придонес за развивањето на работничкото и комунистичкото движење. Неговата активност е проширена на Интернационалата во Москва, а исто така учествувал и во Шпанската револуција испраќајќи доброволци против фашистичкиот режим на Франко. Прилеп треба да биде горд што има вакви револуционери кои што за жал се загинати под неразјаснети околности. Овој град треба секогаш да им оддава почит на своите храбри борци кои го дале својот живот за подобра иднина, револуција и автономна Македонија“, истакна Круме Соколоски, претедател на Здружението на борци од Прилеп.

 

 

Потомокот на семејството на Шарло, Илија Димоски, рече најмногу се радува на тоа што конечно после децении на неправда и лажни окривувања дека Шарло е предавник тој повторно го добива заслуженото место во македонската историја и се расветлува неговата улога за борбата за нашата држава и борбата за македонската кауза.

 

„Јас сум денес особено горд што делото на Методија Шаторов – Шарло целосно е расветлено. Тоа се расветли со докторската дисертација на д-р Соња Николова која напиша книга во која се содржани документи од историските архиви на Москва, Софија, Пазарџик, Пловдив и други места. Инаку Шарло бил голем Македонец кој од 1918 до 1922 година бил член ВМРО – Обединета. ВМРО – Обединета се борела Македонија да биде обединета и да биде посебна држава. Во тоа тие не успеваат и сите членови од ВМРО – Обединета преминуваат во Сојузот на комунисти интернационалци. Потоа Шарло оди во Москва и станува член на Коминтерната и добива функција повисока и од онаа на Јосип Броз – Тито. Од Москва заминува за Марсеј во Франција каде регрутира доброволци кои заминувале да се борат против режимот на Франко во Шпанија. Јас пред два дена бев на местото каде е убиен Шарло, на Милеви скали во Бугарија во близина на Пазарџик, каде Бугарите се собраа над 1.000 луѓе и со највисоки почести и истрели од огнено оружје на армијата му оддадоа почит. Во Бугарија тој е многу ценет и славен како интернационален комунист. Но, за жал мислам дека тие го чувствуваат како Бугарин што воопшто не е така. Јас како член на фамилијата се обидов да преговарам со бугарската страна да ги добиеме моштите на Шарло и да ги вратиме назад во Прилеп, но ми беше потенцирано дека тоа нема да се оствари“, изјави Илија Димоски, потомок на Методија Шаторов – Шарло.

 

 

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека идејата за која се борел Шарло била слободна, независна и унитарна Македонија и таа идеја била водилка за сегашните и идни генерации да го зачуваат суверенитетот и интегритетот на денешна Македонија.

 

„Ние како локална самоуправа подигнавме спомен обележје посветено на Методија Шаторов – Шарло, како што изградивме и други спомен обележја посветени на голем број револуционери кои потекнуваат од нашиот град, а го дале својот живот за Македонија. Делото на Шарло не е локално, не е само во рамките на Македонија, тоа е интернационално дело со едно прогресивно движење кое започнало во почетокот на минатиот век и тој бил една од најглавните личности не само во овој дел на Балканот туку и во светски рамки. Така што тој е една од најголемите личности кои ги има дадено овој град заедно со уште неколку други револуционери кои имале идеја за слободна, независна и унитарна Македонија и таа идеја е водилка за сегашните и идни генерации да го зачуваат суверенитетот и интегритетот на Македонија, да ги зачуваме националните и историски вредности, а не да ги распродаваме како што денеска некои го прават. Нека му е вечна слава и неговото дело да биде водилка во нашите животи“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи