Премиерот Зоран Заев се обрати на Генералното собрание на ОН

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот Зоран Заев се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации од каде што истакна дека Владата што тој ја предводи била посветена на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Заев повика на обединетост и заедничко решавање на проблемите.

 

„Демократијата мора да биде водена од граѓанско општество. Мојата влада има амбициозен план за реформи. Треба да градиме професионални институции. Од длабочината на полтичките кризи излеговме посилни. Уверен сум дека сите ја имаме истата цел, мир во светот и пристоен живот за сите. На заедничките предизвици ќе одговориме со заеднички решенија. Македонија сега е слободна, безбедна и стабилна земја. Таа е пријател со своите соседи и ориентирана кон НАТО и Европската унија. Идната година мојата земја Македонија ќе одбележи 25 години од членството во Обединети нации. Многу е важно како во иднина ќе и се обраќате на нашата земја. Моментно двете земји Грција и Македонија, градат мерки за нова доверба. Имаме нова енергија да ги решиме проблемите. Сега е време да ги затвориме овие прашања. Високо го цениме придонесот на Метју Нимиц. Сметам дека постои можност Грција да го надмине проблемот со нашето уставно име. Да се обидеме на позитивен начин да го надминеме овој проблем“, рече Зоран Заев, премиер на Македонија.

 

Тој истакна дека македонската Влада имала план за реформи и порача дека целта е да се забрза интеграцијата на нашата земја во евроатлантските институции.

 

„Последните неколку месеци силно промовираме нов пристап кон нашите соседи. Притоа сме целосно свесни и за нашите и за нивните национални интереси. Дозволете ми да го истакнам потпишувањето на добрососедскиот договор со Бугарија, што е од големо значење за двете земји“, додаде Заев.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија додаде дека „Светот може да биде многу бучно место, но најважните работи во светот можат да бидат многу тивки

 

„Верувам дека ако ги слушаме нашите граѓани, тогаш можеме да го слушнеме Светот“, порача премиерот Заев.

На крајот од обраќањето премиерот Заев рече дека Република Македонија останувала цврст поддржувач на мултилатерализмот.

„Ние ќе продолжиме да работиме со вас и со сите земји членки на ОН за заедничко зајакнување на светскиот мир и безбедност, за унапредување на човековите права, за постигнување на целите за одржлив развој и за сите други прашања коишто се клучни за луѓето кои ги претставуваме“, порача премиерот Заев во обраќањето на 72. Генерално собрание на Обединетите нации што се одржа во Њујорк.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи