Започна 38-то издание на „Браќа Манаки“

Facebook
Twitter
Email
Print

Со перформанс кој содржеше театарски изведби на неколку од најпознатите сцени од филмовите на годинешните лауреати на фестивалот, кинематограферите, Италијанецот Џузепе Ротуно и Французинот Пјер Лом вечерва, во Центарот за култура во Битола започна 38-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

 

Фестивалот што ќе трае до 30 септември го отвори претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

 

На гала отворањето, според кореографијата на Искра Шукарова, настапија актерите Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Денис Абдула, танчерот Агим Бафтии и студените од одделот за современ танц при Факултетот за музичка уметност од Скопје. Режијата беше на Нела Витошевиќ, а костимите и сценографијата на Розе Трајчевска, односно Влатко Чачоровски.

 

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот, му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на францускиот и светски кинематографер Пјер Лом, кој во Битола пристигна пред неколку денови со сопругата Рене.

 

Вториот добитник на наградата за животно дело, италијански кинематографер, Џузепе Ротуно, заради својата возраст, како што истакнаа организаторите, не беше во можност да дојде во Македонија и преку видео порака се заблагодари за наградата. Во негово име наградата ја прими Лука Коасин, кинематографер од Италија и член на жирито, а му ја врачи Гена Теодосиевска, уметнички директор на фестивалот.

 

Претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Роберт Насков, пак, на продуценската куќа Вардар филм ѝ ја посвети наградата „Голема Ѕвезда“. Тој немаше на кого да ја врачи наградата бидејќи оваа продуцентска куќа повеќе не постои.

 

Потоа македонска премиера имаше краткиот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, кој е и овогодишен добитник на специјалната награда „Златна Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на „Браќа Манаки“.

 

 

По „Крајот на времето“ на Манчевски следуваше премиерата на бугарско – македонската копродукција „Насоки“ во режија на Стефан Командарев, со кој филм и официјално стартуваше 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а тој ќе биде и првиот прикажан од 13 филмови кои на ова издание ќе се натпреваруваат за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300.

 

За филмовите во официјалната конкуренција ќе решава меѓународно жири кое го предводи Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка, а членови се: Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани – Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи