Средба Димитров-Коѕијас во Солун

Средбата се одржува на маргините на квадрилатералниот состанок, на кој покрај Димитров и Коѕијас, учествуваат и министрите за надворешни работи и на Бугарија и Албанија.

 

Во фокусот ќе биде градењето добрососедски односи меѓу двете земји, како и градењето стратегија за тоа како во иднина да се забрза процесот за решавање на спорот за името.

 

Доколку Македонија и Грција сакаат во иднина да бидат партнери во Европската унија и НАТО треба уште отсега да се однесуваат така, нагласи министерот за надворешни работи на Македонија.

 

Димитров претходно оваа недела изјави дека не очекува оти земјите од регионот, поточно албанија и бугарија, ќе бидат посредници во решавањето на спорот за името со Грција. тој посочи дека спорот е билатерално прашање и оти ќе се решава меѓу двете земји со посредство на Обединетите нации, односно нивниот медијатор Метју Нимиц.

 

Состанокот е на иницијатива на грчкиот шеф на дипломатијата. Целта на дипломатската средба е да биде потврдена институционалната соработка меѓу четирите земји, кои треба да решаваат безбедносни прашања и да се борат против екстремизмот, тероризмот и радикализацијата.

 

„Балканот е регион кој ветува многу во однос на развојот на енергетиката, во смисла на изградба на гасововоди и други проекти, поради што е потребно зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот, а пред се на четирите, кои учествуваат денеска на квадрилатералната средба во Солун, Македонија, Грција, Бугарија и Албанија“, изјави Коѕијас.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien