Репрезентацијата на Македонија на денешен ден на 13 ноември 1993 година, пред 24 години, го одигра првиот меѓународен натпревар на гостување во Крањ против Словенија. „Црвено-жолтите“ предводени од селекторот Андон Дончевски славеа удедлива победа од 4:1.
Прв стрелец на натпреварот, а воедно и прв стрелец во историјата на македонската репрезентација беше Зоран Бошковски Чоко уште во 5-тата минута, по што стрелаа и Дарко Панчев и Чедомир Јаневски, двајцата од пенал, а конечниот резултат го постави Драган Канатларовски.
Македонија тогаш имаше исклучително силен тим составен од играчи кои станаа шампиони во Југославија со Вардар, како и европски и светски прваци, а претходно беа дел и од селекциите на Југославија.
Тоа е златна генерација. Децата од мојата генерација беа кадарни да се фатат во костец со најдобрите во Европа и затоа без двоумење прифатив да бидам селектор затоа што имав доверба во нив“, изјави Андон Дончевски.
Првиот официјален меч од натпреварувачки карактер се одигра следната година на 7 септември 1994 година против тогаш актуелниот европски шампион Данска во квалификациите за ЕП 1996. Натпреварот одигран во Скопје заврши со 1:1.