Игрите на Барди сезонава во Леванте, но и минатата сезона во унгарското фудбалско првенство, му беа најдобар доказ дека тој ќе напредува, а неговата кариера оди со прогресивна линија нагоре.
Барди редовно добива пофалби во највлијателните медиуми во Шпанија, а сигурно дека рамнодушни нема да останат и другите европски клубови, кои сè повеќе се интересираат за Барди.
Македонскиот фудбалер го привлече вниманието на јавноста со фантастичното отворање на кариерата во шпанска Примера, кога се наметна како еден од подобрите новајлии во лигата. Првите неколку натпревари во дресот на Леванте ги одигра на високо ниво и постигна два гола, од кои еден фантастичен од слободен удар.
На последниот натпревар против Гетафе, во кој натпревар ремизираа со 1:1, Барди влезе на стартот од вториот дел и учествуваше во акцијата за израмнувачкиот гол за домаќините, резултат кој остана до крајот на оваа средба.
На трибините на арената во Валенсија можеа да се забележат скаути од редовите на италијански Интер, француски ПСЖ, англиски Сандерленд и белгиски Андерлехт. Според информациите кои ги пласираше шпанскиот медиум Super Deporte, било следено фантастичното дуо во средниот ред на Леванте, поточно Колумбиецот Џеферсон Лерма, како и нашиот репрезентативец Енис Барди.
Од тоа што е познато, Лерма заедно со Пепелу имаат највисока откупна клаузула во висина од 30 милиони евра, нешто помала е на нашиот интернационалец, која е втора по висина во тимот, а истата изнесува 25 милини евра.
Македонскиот фудбалерот од средниот ред на шпанската екипа има актуелен договор до 2020 година, но доколку продолжи со одличните игри, нема да биде никакво изненадување доколку од наредната сезона го гледаме во некој поголем клуб.