ВИДЕО : Изложба на украсни птици во Прилеп

Борче Ристески од Прилеп веќе 8 години е член на друштвото за украсни птици „Трагопан“ од овој град. Вели дека вакви птици одгледува уште од мали нозе. Моментално имал околу 400 експонати, од кои 13 видови на фазани, 30-тина видови на украсни кокошки, украсни гулаби, пајчиња, и други егзотични птици. Вели дека ова пред се било негово хоби, а не бизнис.

 

 

„Љубовта кон птиците започна кај мене од мали нозе кога имав едно мало папагалче, па потоа постојано го зголемував бројот на птиците. Кога сум кај птиците како да чувствувам поголема слобода и многу ми е убаво во нивна близина. Моментално имам над 400 украснии птици, тоа е една моја мала приватна мини зоолошка, украсена и со езерца. Ова за мене е исклучиво хоби“, вели Борче Ристески, одгледувач на украсни птици.

 

Ристески денеска беше дел од изложбата на украсни птици која по 18-ти пат ја организира друштвото „Трагопан“. Изложбата се одржа во домот за култура „Марко Цепенков“.

 

„Секоја година имаме гости од Србија, сега преговараме да дојдат гости и од Бугарија. Имаме најавено да дојдат и судии од Србија. На изложбава има околу 250 експонати, таа е од натпреварувачки карактер, тука ќе има и доделување на пехари за најдобрите излагачи, со најдобри примероци. Ова хоби во Македонија зема се поголем замав така што доста е развиено, имаме 4 здруженија со кои имаме оформено Сојуз така што заедно може да учествуваме на натпревари надвор од Македонија“, кажа Горан Илијоски, претседател на Здружение „Трагопан“ од Прилеп.

 

Украсни кокошки, пајки, гулаби, пауни, фазани, папагали, па дури и посебни видови на зајаци денеска беа изложени пред публиката. Изложбата е од натпреварувачки карактер, и таа е еден од ретките вакви настани кои се одржуваат во Македонија.

 

Едни од најексклузивните експонати беа фазаните и тоа од повеќе видови како што се : непалски, кралски, златен, сребрен, платинест, дијамантски и останатите. Еден експонат од овие птици може да чини од 100 па се до 600 евра.

 

„Имаме 40 експонати на гулаби, 120 експонати на украсна живина, кокошки, фазани, пајчиња, има изложено и канаринци, папагали. Оваа година имаме изложено и голем број на зајаци. Излагачите пред се се од Прилеп, Тетово, Скопје, Битола и други градови. Ова хоби е доста ново, но се шири во Македонија доста брзо. Ние сме први во Македонија како „Трагопан“ кои започнавме со овие изложби“, истакна Александар Мицески, секретар на „Трагопан“ и државен судија за украсна живина.

 

 

Изложбата ја посети и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, кој истакна дека и во иднина ќе бидат поддржани ваквите манифестации и здруженија и најави отворање на стационар за животни.

 

„Се надевам дека во иднина ќе продолжат да функционираат сите вакви здруженија, љубители на птици и домашни жиивотни да се одржуваат и да се негува оваа традиција. Во оваа прилика ги повикувам сите здруженија кои се занимаваат со заштита на животните да ги слушнеме нивните приоритети и да работиме на нивно реализирање. Исто така сакам да кажам и тоа дека во иднина заедно со кинолошкото здружение ќе треба да направиме еден стационар за домашни миленици, каде сите кои се отсутни, а имаат домашно милениче, би можеле да ги оставаат своите миленици на сигурно место каде истите ќе бидат соодветно згрижени“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Изложбата на украсни птици ќе трае и утре.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи