Груевски не ги признава резултатите, бара предвремени избори

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на прес конференцијата вечерва рече дека неговата партија не ги признава резултатите од локалните избори и ја обвини власта дека организирала како што рече „мафијашки избори“.

 

„Заради изборното насилство, заради силување на демократијата и на државата и евидентирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор во овие 5 недели, притисоци и поткуп, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука дека не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски. Покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ бара итно враќање на демократијата во земјата и бараме организирање на предвремени парламентарни избори согласно Пржинскиот договор спроведени од техничка влада на ист начин како изборите на 11 декември минатата година. Ајде Заев ако си толку силен и јак да одиме на избори. Најмалку што можеш е и ти да се согласиш да одиме на избори“, истакна Груевски.

 

Груевски побара организирање на предвремени парламентарни избори во согласност со Пржинскиот договор, како што беа организирани декемвриските избори минатата година.

 

„Ако Заев има минимум доблест треба веднаш да ги прифати овие барања. Подаваме рака пред да е предоцна, хунтата на Заев ја бутка Македонија во опасно сценарио. Заев и СДС сакаат да лапнат преголем залак ама ќе си ги скршат забите. Оваа битка допрва почнува. Од утре ќе бидеме сведоци на нова пеколна тура, нови малтретирања, акции на МВР за апсења на политички притивници затоа што така мислат дека ќе нè решат. Се лажат, ние ќе издржиме, не се плашиме од вашиот терор, ние сме ВМРО. Ние сме навлечени на Македонија и таа љубов вреди, таа љубов Заев не може да ја разбере, вреди да се бори за Македонија“, изјави Груевски.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека најголемиот противник на овие избори на неговата партија била полицијата.

 

„ВМРО-ДПМНЕ на овие избори се соочи со двоен противник. Едниот е СДС, но најголемиот политички противник на овие избори беше полицијата која директно и брутално се ангажираше во партиски цели на СДС. Партиски полицајци на СДС брутално се конфронтираа со македонскиот народ. Ги знаеме сите лица кои ја киднапираа македонската полиција и по враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се соочат со санкции“, рече Груевски.

 

Во своето обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна и дека дел од гласовите неговата партија ги изгуби поради разочараност и незадоволство и дека тие не бегаат од одговорност.

 

Како што кажав неодамна дел од гласовите кои ДПМНЕ ги доби порано а не ги доби сега се поради разочараност на нашите поддржувачи и некои незадоволства со некои поединци од нашата партија. ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да направи анализа и да се исправат тие грешки или да се објаснат на најсоодветен начин. Откако ќе ги имаме сите информации ќе ја оцениме одговорноста и ние од тоа не бегаме. Но Македонија денеска немаше избори, по секоја цена Заев и СДСМ сакаа да добијат легитимитет за редифинирање на државата по сите основ, рече тој.

 

Тој побара и смена на претеседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien