Заврши наградната игра на „Елколект“ за собирање на електронски отпад во Прилеп

Со доделување на наградите, денеска во киното „Мис Стон“во Прилеп, заврши наградната игра „Да рециклираме и да се наградуваме“, организирана од „Елколект“, а поддржана од Општина Прилеп, која беше наменета за собирање на електричен и електронски отпад. Своите стари електронски уреди граѓаните можеа од 4 септември па се до денес да ги складираат во специјалните контејнери кои беа сместени во царинскиот терминал на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп. Целта на овие наградни игри и акции е подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на животната средина.

 

„Една од нашите цели е да ја подигнеме јавната свест во општините и да ги научиме граѓаните за правилно постапување со електричниот и електронски отпад, отпадните батерии и акумулатори. За таа цел организираме наградни игри со општините со кои имаме склучено договор, една од нив е и Општина Прилеп, која што е една од општините која најмногу се грижи за заштита на животната средина. Денеска ги извлековме наградите, добитниците не беа присутни, наградените купони ќе бидат објавени на интернет страницата на „Елколект“, www.elkolekt.mk“,истакна Ирена Бошков, претставник на ДОО Елколект.

 

Општина Прилеп важи за една од најеколошките општини на ниво на Македонија која секогаш ги поддржува ваквите акции чија цел е заштита околината. Во таа насока се организираат и голем број на едукативни работилници на оваа тема.

 

„Општина Прилеп во континуитет се грижи за заштита на животната средина и во таа насока е и поддршката на фирмата „Елколект“ со која имаме склучено договор за постапување со електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори. Навистина сме задоволни од одзивот на граѓаните за оваа наградна игра и се надеваме дека ја постигнавме целта и дека правилното третирање на овој вид на отпад ќе продолжи и во иднина. Контејнерите за собирање на електронски отпад и понатаму ќе бидат поставени во терминалот на ЈКП „Комуналец“ и сите граѓани кои имаат електронски отпад можат да го однесат таму. Инаку во рамките на соработката со „Елколект“ освен во терминалот, корпи за собирање на електричен и електронски отпад и туби за собирање батерии се поставени и во сите училишта“, изјави Винета Иваноска, раководител на одделение за ЛЕР.

 

Од „Елколект“ рекоа дека продолжуваат со организирањето на ваквите акции. Во училиштата во Прилеп веќе била во тек нова наградна игра. Децата се едуцирале за тоа колку се штетни отпадните батерии и тоаодделениекое ќе соберело најмногу отпадни батерии ќе добиело награда.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи