Градоначалникот Јованоски со владини претставници извршија увид во изградбата на опожарените конаци на Трескавец

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прилепските пратеници, Хари Локвенец и Кети Смилеска, претседателот на Советот Миле Талевски и советници денеска го посетија манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец за да на лице место се информираат до каде се градежните активности околу обновата на опожарените конаци.

 

Монахот Калист, кој живее во манастирот, ги запозна со богатата историја на ова наше значајно културно наследство и споменик на културата заштитен со закон.

 

Проектот за изградба на опожарените конаци чини околу 2 милиони евра и тој треба да биде завршен според проценките во текот на идната година. Инвеститор е Министерството за култура, а изведувач на работите е српската фирма „Кото“. Освен обновата на конаците во тек е и еден многу значаен проект, а тоа е проектот за превентивна заштита на црквата. Сега околу целата црква се прави дрвена конструкција која подоцна треба да служи за заштита на храмот од надворешните влијанија.

 

Но овој проект е само колку да се заштити црквата во оваа состојба во која што се наоѓа и да не се влошува понатаму ситуацијата. Во иднина потребно е итно да се направи архитектонска консолидација на објектот, реставрација на живописот и на крајот ентериерно уредување на самата црква.  Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е во крајно лоша состојба. Огромен број на фрески кои потекнуваат од 13 и 14 век се буквално во распаѓање. Ситуацијата е алармантна и треба час поскоро да се реагира. Потребна е итна интервенција и на Министерството за култура и на државата за да се заштити ова не само македонско, туку и светско културно наследство.

 

Градоначалникот Јованоски и министрите ветија максимална заложба за побрзо финиширање на градежните работи и враќање на стариот сјај на манастирот, а исто така беше истакнато дека ќе се даде и поддршка за што е можно побрзо реализирање на проектот за заштита и конзервација на црквата, старата трпезарија и магерницата.

 

Во текот на историјата манастирот е опожаруван неколку пати. Последен пат конаците изгореа на 4 февруари 2013 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи