Донаторот на споменикот на Александар Македонски, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, со остра осуда за вандалскиот чин

Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, кој пред повеќе од 11 години ја донираше изградбата на првиот споменик на Александар Македонски на територијата на Република Македонија, во родниот Прилеп, во врска со вандалскиот чин, ја упатува следната реакција:

 

„Македонската Алијанса очекува од надлежните институции ефикасно да го расчистат инцидентот, брзо да ги пронајдат сторителите, да покренат постапка за нивната одговорност, што секако ќе делува обесхрабрувачки за сите оние кои во последно време се чувствуваат мотивирани да се пресметуваат со историското, културно и идентитетско поврзување на Македонскиот народ со Античка Македонија и ликот и делото на Великиот Александар.

 

Го поздравуваме чинот на јавна осуда на вандализмот врз споменикот на Александар Македонски од страна на општина Прилеп и најавите за брза санација на споменикот. Веруваме дека локалната власт ќе ги преземе сите соодветни мерки за негова заштита од сите нови евентуални обиди за негово оштетување.

 

Бидејќи во изминатите години немаше вакви или слични инциденти, Македонската Алијанса не сака да верува дека зад овој вандализам може да се кријат нечии политички мотиви. Ако некој тргнал да му прави кеифови на нашиот јужен сосед избрал погрешен метод. Историските факти никој не може да ги избрише, како што не може да му го ампутира националниот идентитет на Македонскиот народ и да му го одземе светото Македонско име.

 

Инцидентите од ваков тип имаат обратен ефект. Делуваат мотивирачки за сите браќа и сестри Македонци во светот и Татковината уште пожестоко да си го бранат своето демократско право да бидат Македонци во Република Македонија. Уште еднаш добронамерно апелираме до сите оние кои евентуално веруваат или се надеваат дека Македонскиот народ може да голтне обид за негово обезличување, да не се лажат!

 

Таквите проценки се тотално промашени. Македонскиот народ како единствен суверен владетел на сопствената Држава никогаш нема да се согласи на велепредавство олицетворено во подмолен политички пазар на некоја коалиција, партија или лидер, кој ќе ја загрози сегашноста и иднината на генерациите кои допрва доѓаат“ стои во реакцијата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи