Тодориќ ослободен со кауција: Во Хрватска ми е загрозена правната безбедност

Facebook
Twitter
Email
Print

Сопственикот на „Агрокор”, Ивица Тодориќ, кој претходно денеска и се предаде на лондонската полиција врз основа на европски налог за апсење, беше ослободен од затвор со обврзно носење безбедносна алка, објавија хрватските медиуми.

 

Повикувајќи се на свои извори, порталот „Дневник.хр“ објави дека судијата го пуштил на слобода Ивица Тодориќ со посебни мерки.Тодориќ платил кауција од 100.000 фунти, а исто така му бил одземен пасошот, должен е да носи безбедносна алка и редовно да се пријавува во полициска станица.

 

По неговото излегување од судот, Тодориќ изјави дека неговото пуштање на слобода е една мала победа. Тој исто така напиша дека неговата адреса, личните и контактите на неговите адвокати им се познати на властите уште од 10 октомври, како и дека тие податоци лично им ги доставил на надлежните институции и чекал да го повикаат.

 

„Судот, на чиј повик одговорив со чиста совест, ги зеде предвид сите аргументи на двете страни и одлучи да сум слободен човек. Се радувам на судската одлука, но како одговорен човек не можам и не сакам да ја коментирам. Во Лондон сум бидејќи ми се тешко повредени човековите права и загрозена елементарната правна безбедност. Имам право да се борам против лагите и конструкциите преку кои сакаат да ме претстават како човек кој не ги почитува законите на мојата држава. Тоа не е така и ќе докажам“, напишал Тодориќ.

 

Тој истакна дека нема да дозволи со политички декрет да се „осуди без судење“ и да се замолкне, бидејќи смета дека неговиот говор „им пречи на оние кои му ја одземале сопственоста“.

 

„И тоа како ќе зборувам, бидејќи слободата на говор е едно од основните човекови права, ма колку и да му смета на некој вистината. Јавен говор, кој понекогаш е и критика,  е столб на секое демократско општество и никој нема право да го ограничува“, рекол Тодориќ.

 

Следното рочиште е закажано за 10 април 2018 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи