„Златната генерација“ на Македонија го прегази Лихтенштајн со 6:0

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонскиот фудбал дефинитивно доби свои нови херои, кои уште еднаш ни докажаа дека оваа земја има светла фудбалска иднина. Иако без првата ѕвезда Елиф Елмас, македонската фудбалска селекција до 19 години повторно одигра фантастичен меч и со убедливи 6-0 (3-0) ја совлада репрезентацијата на Лихтенштајн во последниот натпревар од првата фаза на квалификациите за ЕП.

 

Со тоа фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години само го потврди учеството во елитните квалификации за пласман на Европското првенство во Финска во 2018 година.

 

Селекцијата предводена од селекторот Вујадин Станојковиќ го оправда епитетот најталентирана генерација во историјата на Македонија. Со фудбалски бисери како Јани Атанасов, Елиф Елмас и Дарко Чурлинов, нашиот национален тим во првата фаза од квалификациите победи селекции како Швајцарија и Белгија. Лихтенштајн беше само полесен тренинг за овие момци, кои денеска за крај славеа со убедливи 6-0 против аутсајдерот во групата.

 

Македонија го освои првото место со девет бодови, Белгија е втора со шест, Швајцарија заврши на третото место со три бода, Лихтенштајн последен без бодови. Три победи на три натпревари на турнирот што се одржуваше во Скопје е доволна препорака за нашиот национален тим за пролетните елитни квалификации.

 

Патот до континенталниот турнир во Финска нема воопшто да биде лесен, бидејќи таму ќе учествуваат само најдобрите осум селекции од елитните квалификации. Македонија своите противници во следната фаза ќе ги дознае на шести декември кога ќе биде изврешена ждрепката. Покрај нашата репрезентација во елитните квалификации пласман обезбеди и Белгија, која денеска со 5-3 беше подобра од Швајцарија.

 

Неколку фудбалери од оваа генерација веќе имаат искуство со сениорскиот национален тим, што е доволен показател дека Македонија не треба премногу да се грижи за својата иднина.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи