Македонија е исклучително партизирана држава

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија е исклучително партизирана држава и таа практично е рекордер во Европа во однос на партиското членство, е заклучок од компаративната студија за изборните недостатоци во земјава и искуствата во регионот, изработена од Центарот за граѓански мониторинг.

 

Слободанка Јовановска од Центарот, презентирајќи ги резултатите од шестмесечното истражување посочи дека на трите клучни партии во земјата отпаѓаат 15,1 отсто од електоратот, што како што посочи е феномен во Европа.

 

Вкупно 13 отсто од жителите на Република Македонија се членови на една од трите најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или ДУИ, покажуваат податоците што ги објави невладината организација Центар за граѓански мониторинг.

 

Според последните податоци, ВМРО-ДПМНЕ има 170 илјади членови, СДСМ над 70 илјади, а ДУИ околу 35 илјади. Таа посочи дека најголемите европски партии немаат членство поголемо од два отсто од популацијата. И руската Обединета Русија, која брои околу два милиони членови има помалку од два отсто од електоратот.

 

„Најголемите европски партии немаат членство поголемо од 2 отсто од популацијата, а сама ВМРО-ДПМНЕ има 8 отсто“, се вели во извештајот од оваа организација.

 

Во фокусот на истражувањето е и финансирањето на политичките партии, висината на донациите, санкциите, контролата на собирањето на парите.

 

„Ги следевме критиките на ГРЕКО и ОДИХР. Практично кај нас има регулатива, но не се спроведува и според многу оценки лимитот што е дозволен за донации во Македонија е висок во споредба со стандардот на населението. Во Македонија лимитот за донирање за лица е 3.000 евра, а за компании 30 илјади, што со оглед на просечната плата се проценува како висок. Во Белгија, на пример, лимитот за лица е 500 евра, а за компании три илјади евра, а многу земји имаат забрането донации од компании“, посочи Јовановска.

 

Организацијата подготви инфографик со кој укажува и на други куриозитети на македонската политичка сцена, меѓу кои особено распонот меѓу бројот на жители и на гласачи, според кој само 13,7 отсто од населението нема право на глас.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи