Заев-Брнабиќ: Имаме многу точки на поврзување меѓу двете земји

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот Зоран Заев престојува во официјална посета на Србија на покана на српската премиерка Ана Брнабиќ, со која денеска имаше тет-а-тет средба. По средбата делегации на двете влади, предводени од премиерите одржаа заедничка пленарна средба, на која се разговараше за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.

 

Претседателите на Владите на Македонија и Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ изјавија дека постигнале прелиминарен договор за заедничка седница на двете влади, којашто би требало да се одржи кон крајот на февруари или почетокот на март, следната година.

 

 

Заев истакна дека српскиот и македонскиот народ се блиски и дека обврска на политичарите е да ја унапредуваат соработката.

 

„Република Македонија и Република Србија имаат партнерски односи со високо ниво на заемна доверба, разбирање и добрососедство. Во нашите меѓусебни односи има многу прашања и теми што не поврзуваат. Како во изминатиот период, така и денес, евроинтеграциите се надворешнополитички приоритети на двете земји. Во однос на ова прашање имаме и билатерална Спогодба за заедничка соработка“, истакна Заев.

 

Според него, „перцепцијата на граѓаните во Република Македонија е дека Србија е на прво место од соседите со кој најмногу се подобрени односите во последните пет години, сосед со кој граѓаните имаат најдобри лични искуства, сосед чија историја и култура најдобро ги познаваат, сосед за кој се има најдобро мислење, како и сосед со којшто би сакале најблиски односи.

 

Во завршницата на своето обраќање пред медиумите во Република Србија, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, говореше и за улогата на двете земји во регионалната соработка.

 

„Планот за регионална економска област на Западен Балкан, кој се базира на принципите на еднакви услови за сите во регионот и предвидува наши заеднички интереси: Промовирање на понатамошна трговска интеграција;Воведување динамичен регионален инвестициски простор;Олеснување на регионалната мобилност, и креирање на агенда за дигитална интеграција“, потенцираше Премиерот Заев.

 

Претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ во своето обраќање на прес конференцијата по средбите на двете делегации, ја сподели согласноста дека Република Србија и Република Македонија делат успешна соработка во повеќе области.

 

„Регионалната соработка и регионалното поврзување е многу важно бидејќи без регионален мир и стабилност нема европски интеграции на Западен Балкан“, рече Брнабиќ

 

Во таа насока таа ја потврди согласноста за одржување на седница меѓу двете влади во знак на добрите пријателски односи, како и заедничките иницијативи во повеќе други билатерални и регионални проекти.

 

Премиерката Брнабиќ истакна дека унапредувањето на односите меѓу двете земји е од особен интерес на Република Србија со оглед на фактот дека двете земји делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите, инфраструктурните проекти во рамките на коридорот 10 и многу други.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи