Tеатарот „Војдан Чернодрински“ под итно да се оддели од Центарот за култура „Марко Цепенков“

Одделување на театарот „Војдан Чернодрински“ од Центарот за култура „Марко Цепенков“, поголема заштитата на културното наследство, правилна евалуација на самата работа на културните работници, авторските права и нивната валоризација. Ова беа само дел од забелешките и сугестиите на културните работници, актери, уметници, музичари, претставници на Центарот за култура, Заводот и музеј Прилеп, локалната самоуправа како и претставници на невладиниот сектор кои ги искажаа на јавната дебата за Националната стратегија за култура на Р. Македонија за периодот 2018-2022 година, која денеска се одржа во киното Мис Стон во Прилеп.

 

Организатори на оваа дебата се здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ – Транзен“ од Струмица, а како коорганизатор и домаќин на настанот е здружението на граѓани „Театарска работилница“ од Прилеп. Проектот се реализира со финансиска подрршка на УСАИД и е во тесна соработка со Министерството за култура.

 

 

„Предлозите беа од најразлични области. Најмногу забелешки имаше од секторот театар. Театарот од Прилеп бара одделување од Центарот за култура и нивните најгололеми дилеми беа околу децентрализацијата и како таа ќе се спроведе и како театарот ќе продолжи да се финансира понатаму доколку се спроведе таа децентрализација. Други забелешки имавме во однос на заштитата на културното наследство и правилна евалуација на самата работа на културните работници кои го третираат самото културно наследство, во однос на авторските права како тие се третираат и поголема нивна валоризација. По спроведувањето на самите дебати, записниците ги даваме на работната група која што е составена од претставници на Министертсвото за култура. Значи овие предлози и сугестии ќе бидат доставени до нив и тие понатаму ќе ги селектираат и ќе одлучат дали ќе бидат вградени во новиот стратешки документ“, истакна Јасмина Мазгалиева, здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ – Транзен“ од Струмица.

 

Беше потенцирано и тоа дека целта на овие дебати била предлозите да доаѓаат од самите културни работници и културната политика да се спроведува по линија од најниско ниво па нагоре. Целта на дебатите исто така била овој систем да се децентрализира затоа што дебатите за националните стратешки документи досега се одвивале само во Скопје.

 

„На оваа дебата најмногу се зборуваше за театарот затоа што тој во Прилеп има претрпено најмногу штети во последните години. Во 2004 година тој ја изгубии својата институционалност, стана придружен дел на Центарот за култура и го загуби брендот кој постоеше од 1950 година. Сега за жал Прилеп нема театар, туку тој функционира како оддел при Центарот за култура. Мислам дека и повеќето театри, во другите градови каде се случија вакви јавни расправи и тие исто така се борат за институционализирање на театарот“, истакна Игор Трпчески, „Театарска работилница“ од Прилеп.

 

Во рамките на овој проект јавни дебати по предлог нацрт Стратегијата за развој на културата 2018 – 2022 година покрај Прилеп предвидено е да се одржат и во Струмица, Куманово, Штип, Струга, Тетово, Кавадарци и Скопје.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи