Младиќ осуден на доживотен затвор

Facebook
Twitter
Email
Print

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го прогласи поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ ( 75 ) за виновен за геноцид и злосторства против човештвото во 90-тите години на минатиот век и го осуди на доживотен затвор. Младиќ беше отстранет од судницата по гласните протести во кои го обвинуваше судот дека лаже.

 

Според првостепената пресуда, Младиќ е виновен меѓу другото и за геноцидот извршен во Сребреница во 1995. година, како и за најкрвавите злосторства за време на војната во БиХ. Српските единици во 1995. година навлегоа во тогашната заштитена зона од ОН, Сребреница, и убија околу 8.000 муслимански мажи и момчиња.

 

Според судијата Алфонс Ори, Младиќ „значително придонел“ за воените злосторства извршени во Сребреница и бил клучна фигура во нив, откако имал за цел да го уништи муслиманското население на Сребреница. Трибуналот во Хаг, исто така, смета дека тој бил дел од „колективна криминална организација“, која има за цел да изврши „етничко чистење“ на Босна од несрпско население.

 

Освен за геноцид, Младиќ е прогласен за виновен по десет точки од обвинението, кое имаше 11 точки, а во нив спаѓа и злосторства против човештвото и воени злосторства. Како главен командант на војската на босанските Срби, Младиќ сноси главна вина за протерувањата, мачењата, убиствата и силувањата во БиХ, преку три години долгата опсада на Сараево со околу 10.000 жртви.

 

„Балканскиот касап”, како што го нарекуваат, е осуден близу 22 години по војната во БиХ, Младиќ беше уапсен дури во 2011. година, во Лазарево во Србија, по 16 години поминати во бегство. Младиќ тврдеше дека е невин, а неговите адвокати бараа ослободителна пресуда.

 

Во војната на Балкан од 1992. до 1995. година беа убиени околу 100.000 луѓе, а два милиона принудени на бегство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи