Започна пријавувањето на екипите за светиниколскиот турнир во мал фудбал во Прилеп

Општина Прилеп денеска потпиша меморандум за соработка со локалниот спортски сојуз за организација на традиционалниот  светиниколскиот турнир во мал фудбал. Пријавувањето на екипите започна од денеска, а на турнирот ќе може да учествуваат пионери, сениори и ветерани. Турнирот почнува на 12 декември и ќе трае до 28 декември И годинава средствата од овој спорски настан ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

 

„Локалната самоуправа денеска заедно со локалниот спортски сојуз од Прилеп потпиша меморандум за соработка за организирање на традиционалниот турнир во мал фудбал што секоја година се одржува по повод празникот Свети Никола. Турнирот почнува на 12 декември и ќе трае до 28 декември. На него ќе учествуваат ветераните, сениорите и пионерите. Турнирот ќе има хуманитарен карактер и средствата ќе бидат наменети за отворање на Центар за децата со церебрална парализа. Се надевам дека ова ќе биде продолжение на она што го ветив на нашиот „Граѓански парламент“ да им излеземе во пресрет на овие дечиња кои што се оставени сами на себе во општеството“, изјави градоначалникот Јованоски.

 

На новинарско прашање колку деца во Прилеп се заболени од церебрална парализа Јованоски истакна дека нивната бројка се движи од 85 до 100 деца.

 

„Со години наназад граѓанската организација на мајките на овие деца барале да се реши оваа состојба и мислам дека ова е една иницијатива за која јас лично се заложив за да овие дечиња се најдат себеси во општеството. Веќе започнавме со процедурата за правење на овој центар и мојата идеја е вработените во овој центар да бидат родителите на овие деца. Значи две во едно и децата згрижени и родителите вработени. Се разгледуваат неколку локации за овој центар и наскоро ќе се одлучиме каде тој ќе биде сместен“, додаде Јованоски.

 

 

На потпишувањето на меморандумот присуствуваше  и менаџерката на „Комфи Ангел“, Ирена Јакимовска, која е еден од главните поддржувачи на турнирот и чиј татко бил иницијатор за негово одржување.

 

„На мое лично задоволство и задоволство на компанијата „Комфи Ангел“ денеска локалната самоуправа потпиша меморандум со локалниот спортски сојуз.Нивна прва активност ќе биде продолжување на традиционалниот светиниколски турнир во мал фудбал. Овој турнир беше инициран од мојот покоен татко Велимир Јакимовски, нашата компанија, поддржани од локалната самоуправа. И на наше големо задоволство и новиот тим на локалната самоуправа и покрај тоа што имаше многу краток временскиот период го организира овој турнир и ја продолжи традицијата. Исто така ја поддржувам идејата за „Граѓанскиот парламент“ и згрижувањето на дечињата со церебрална парализа и огромно е задоволството што средствата од овој турнир ќе се насочат на вистинско место“, истакна Ирена Јакимовска, менаџер на „Комфи Ангел“.

 

Од новоформираното тело, локалниот спортски сојуз, искажаа голема благодарност до градоначланикот Јованоски за неговото формирање и потенцираа дека нивната главна цел во иднина ќе биде помош на сите спортисти и спортски здруженија во Прилеп.

 

„Ние успеавме во многу краток рок да го организираме овој турнир и мислам дека се ќе помине во најдобра ред. Ги повикувам прилепчани и сите љубители на фудбалот на 16 дневно дружење, им ветуваме многу забава, интересен фудбал и се надевам дека ова е само еден добар почеток на враќање на спортот во Прилеп затоа што знаеме дека спортот во нашиот град беше скоро на маргините. Се планира на турнирот да учествуваат од 32 до 35 екипи. Пријавувањето ќе започне од денес. Оваа година учествуваат пионери од 2002, 2003, 2004, 2005 и 2006 година, имаме ветерани со старосна граница над 40 години и имаме сениори. Котизацијата минатата година беше 2.000 денари за пионерите, годинава е 1.500 денари, лани за ветераните беше 5.000 денари, сега е 3.000 денари, а за сениорите и сите кои сакаат да се пријават до 5 декември котизацијата е 5.000 денари, а до 12 декември котизацијата ќе биде 7.000 декември“, рече Гоце Макалоски, претседател на локалниот спортски сојуз.

 

Макалоски на новинарско прашање која ќе биде нивната улога како сојуз во понатамошното делување истакна дека имале иницијатива за брзо време да ги поканат сите спортски клубови и спортски работници да дојдат и да учествуваат во овој Сојуз за да спортот во Прилеп во иднина се подигне на едно многу повисоко ниво.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи