Полицијата сè уште трага по 12 лица кои треба да бидат изведени пред кривичниот суд во рамки на истрагата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за упадот во Собранието што се случи на 27 април.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека полицијата има сознанија дека сите се во државава и нема потреба од меѓународна потерница.
„Имаме сознанија дали некои од 12-мината што сè уште не се обезбедени имаат двојни државјанства. Нема потреба за распишување на меѓународна потерница за оние лица кои се уште не се достапни за органите на прогонот, а се бараат за насилствата на 27 април во Собранието, затоа што имаме информации дека се во дражавата“, рече Спасовски и додаде дека не може да открие повеќе детали.
Спасовски рече дека за квалификациите на кривичното дело за кое се товарат обвинетите е надлежно обвинителството, а не МВР.
Од осомничените 36 лица, Кривичниот суд на 13 лица им определи затворски, а на шестмина куќен притвор.