Собранието им го одзеде имунитетот на шестмината пратеници

Facebook
Twitter
Email
Print

Собранието на денешната седница експресно го симна имунитетот на шестмината пратеници Кристо Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, осомничени за насилството во Собранието на 27 април. Со тоа заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на пратеничкиот имунитет.

 

Се гласаше поединечно за секој пратеник за кој Основниот суд 1 побара одземање на имунитетот поради притвор. На седницата беа присутни 67 пратеници, што беше доволно за да се изгласаат барањата, бидејќи за тоа е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.

 

За имунитетот на Мукоски, на Василевски и на Димовски гласаа сите 67 присутни без ниту еден против или воздржан, а за Арнаудов, за Тарчуловски и за Пешевска 66 пратеници, без гласов против или воздржани.

 

„Желбата на СДСМ е да имаат апсолутна и неконтролирана власт во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите возможни опции за да се спротивстави на ова безумие и да се стави во заштита на луѓето кои неправедно се дел од политички монтирани процеси без разлика дали тоа се пратеници, официјални лица или обични граѓани, чии единствен грев е што се дрзнале врз основа на својата совест и убедување да се спротивстават на политиките на СДСМ“, наведе во соопштението Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на седницата, соопшти дека нема да учествува, нарекувајќи ја „политичка фарса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.

 

Пред расправата престедателот на Собранието Талат Џафери побара од говорниците да се воздражт од навредливи квалификации и од навлегување во независноста на судството.

 

Пратеникот Павле Богоевски, кој е и претседател на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања претходно предложи двете точки од Дневниот ред да се спојат во една точка и да се гласа поединечно за секој пратеник.

 

„На расправата на Комисијата вчера предлогот беше идентичен како денеска, но бидејќи станува збор за еден ист кривично правен предмет вчера Комисијата одлучи да ја спои расправата и да гласа поединечно за секој од пратениците“, рече Богоевски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи