Столтенберг: Членство во НАТО за земјите кои прават напредок, потребен притисок врз С. Кореја

Facebook
Twitter
Email
Print

Членството во НАТО е можно за земјите кои прават вистински напредок во реформите и модернизацијата, како што се покажа со неодамнешниот пристап на Црна Гора, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во пресрет на претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата.

 

„Ќе дискутираме како најдобро да ги поддржиме земјите кои се стремат да се приклучат во заедницата на заедничка безбедност и вредности“, рече Столтенберг.

 

Во односн на Србија, тој истакна дека нема разговори за нејзино пристапување во НАТО, а причината е, како што рече, дека Србија јасно соопштила оти тоа не е нивна цел, дека не сакаат членство во НАТО и Алијансата целосно ја почитува таквата одлука.

 

Столтенберг рече дека Србија одлучила да остане неутрална земја и оти нивната цел е членство во Европската унија.

 

„Ние тоа ќе го почитуваме и го поздравуваме напредокот во напорите Србија да стане членка на Европската унија“, рече Столтенберг.

 

Според него, многу е важно да се сфати дека е можно да се биде добар партнер на НАТО, а при тоа да не се бара членство.

 

„Во Србија има руски хуманитарен центар, Србија спроведува заеднички вежби со Руската Федерација, но во исто време Србија спроведува воени вежби и со НАТО. Таа е независна и суверена држава, ние ја почитуваме оваа одлука“, рече Столтенберг.

 

Генералниот секретар на НАТО исто така повика да се изврши максимален притисок врз Пјонгјанг, со цел да бидат прекинати севернокорејските нуклеарни тестови.

 

„Нашата безбедност е поврзана со случувањата во Источна Азија. Ракетните тестови покажаа дека сите сојузници се на дострел и под закана. Војна во тој регион би претставувала катастрофа и би оставила последици врз целиот свет. Тензиите растат поради неодговорното однесување на Пјонгјанг“, констатираше Столтенберг.

 

Според него, светот треба да изврши максимален притисок со цел да се постигне мировен договор со Северна Кореја.

 

„НАТО со децении е под такви закани, способни сме да го спречиме секој напад. Ние се обидуваме да најдеме дипломатска можност. Случувањата на Корејскиот Полуостров ја вознемирија Алијансата“, додаде Столтенберг.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи