Меси одбил астрономска понуда од Манчестер Сити

Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси ова лето одбил астрономска понуда од Манчестер Сити, открива еминентниот весник „Марка“.

 

Според мадридскиот весник, Манчестер Сити му понудил на Меси бонус од 100 милиони само за потпис на договорот и годишна плата од 50 милиони, без притоа да наведат дали станува збор за фунти или евра.

 

Шеикот Мансур бин Зајед бил подготвен да ја активира ослободувачката клаузула од 300 милиони евра, која беше запишана во претходниот договор на Лионел Меси со Барселона. Сопственикот на Манчестер Сити сакал по секоја цена да го донесе на „Етихад“ петкратниот освојувач на „Златната топка“ и понудата ја испратил директно до претседателот на Барселона, Жосеб Марија Бартомеу.

 

Понудата била толку финансиски богата што на „Камп Ноу“ морало да одговорат во сличен манир, па поради тоа се одолговлекуваше новиот договор на Меси, тврди „Марка“.

 

Лионел Меси пред десет дена потпиша нов договор со Барселона, до јуни 2021 година, кога тој ќе има 34 години. Аргентинецот годишно ќе заработува 43 милиони евра, со што стана најплатениот светски фудбалер..

 

Токму понудата на Манчестер Сити ги натерала челниците на Барселона да понудат толку голема плата за да го задржат Меси во своите редови.

 

Сепак, за неговото значење во клубот не треба да се трошат зборови. Тој е клучна фигура во една од најдоминантните екипи на сите времиња со која досега освои вкупно 30 титули, одигра 604 натпревари и постигна 524 погодоци. Покрај тоа, пет пати ја освои Златната топка, а четири пати беше најдобар стрелец во Европа освојувајќи ја Златната копачка.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien