Шекеринска на берлинскиот Форум за надворешна политика

По покана на Федералната канцеларија за надворешни работи на Германија и Фондацијата „Кербер“, министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, денеска во Берлин учествуваше на Форумот за надворешна политика, посветен на иднината на Европа и релациите со Русија и Кина, информираат од секторот за комуникации во Министерството за одбрана.

 

Форумот го отвори министерот за надворешни работи на Германија, Сигмар Габриел. На панелот со наслов „Линии на одбрана – обезбедување на Европа и нејзиното соседство“ говореа министерката Шекеринска, поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, претседателот на Советот на федералниот комитет за надворешни работи на Руската Федерација, Константин Косачев, и пратеникот Микаел Георг Линк.

 

Шекеринска во рамките на дискусијата за европската безбедност и одбрана се осврна на безбедносните предизвици на Македонија, на регионот, но и на состојбата во Украина и можностите за нејзино решавање користејќи ги научените лекции на Балканот.

 

„Граѓаните на Република Македонија првпат во два изборни циклуса гласаат надвор од своите етнички и религиозни блокови. Граѓаните бараат визија и храброст“, рече министерката.

 

Додаде дека целосна сигурност и просперитет во регионот се можни само доколку сите земји аспиранти за членство во НАТО ја достигнат својата цел – полноправно членство во алијансата.

 

„Во однос на членството во Европската Унија и во НАТО сметам дека Република Македонија има не само теоретски туку и конкретни шанси“, рече пратеникот Микаел Георг Линк. Осврнувајќи се на негативното јавно мислење меѓу граѓаните во Германија во однос на проширувањето во Унијата, нагласи дека во надворешната политика политичарите треба да ги водат, а не да ги следат граѓаните.

 

На Берлинскиот форум за надворешна политика секоја година учествуваат над 250 министри, политичари, експерти и новинари, кои дебатираат на теми поврзани со надворешнополитички прашања на Германија и Европа. Целта на Форумот е да го стимулира интересот кон прашањата на надворешната политика, особено кај помладите генерации. Некои од официјалните високи претставници, кои досега учествувале на Форумот, биле и Франк-Валтер Штајнмаер, Волфганг Шојбле, Федерика Могерини и Вилијам Хејг.

 

Шекеринска во Берлин ќе оствари средба со Ралф Брауксипе, парламентарен државен секретар во Министерство за одбрана на Германија, со Ларс Клингбеил од Парламентарната комисија за одбрана во германскиот Бундестаг, со Мајкл Рот, парламентарен државен секретар за европски работи во германското Министерство за надворешни работи, и со Курт Бек, претседател на Фондацијата „Фридрих-Еберт-Стифтунг“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien