Објавени документи од интерес на јавноста од повеќе министерства

Министерството за економија на својата официјална Интернет страница ги објави документите, кои се од интерес за јавноста, од кои добар дел за првпат, што претставува потврда на заложбата за целосна транспарентност и отчетност кон граѓаните. Имено, согласно Одлуката од 34-та седница на Владата со која институциите се задолжуваат јавно, преку официјалните веб страници, да публикуваат 21 документ, односно области на работа за кои се надлежни, со сите податоци важни за јавноста (контакти, нормативи, услуги, и друго), Министерството за економија ги ажурираше постоечките и за јавноста корисни податоци од работењето на министерството и ги надополни со нови содржини, барани од граѓаните.

 

Така, на Интернет страницата за првпат може да се најдат буџетот на Министерството и извештаите за негова реализација, ревизорските извештаи, планот за јавни набавки со сите измени и дополнувања, правилникот за изменување и дополнување на правилникот за систематизација на работните места во министерството, списокот на сите вработени со позиција, маил и телефон, правилникот и контакт лицето за заштитено внатрешно пријавување и офицерот за заштита на лични податоци. Во овој момент од 21-от баран документ дополнително ќе биде креиран онлајн календарот со најави на настани, за кој е потребно техничко прилагодување на страницата.

 

Сите јавно достапни документи од областа на Министерството за економија може да се најдат на www.economy.gov.mk

 

 

Министерството за правда, водено од принципот на транспарентност, на својата веб страна објави нови документи, информации и податоци што се достапни за целокупната јавност.

 

На интернет страната на Министерството за правда, за првпат, може да се најдат информации за буџетот на Министерството, ревизорски извештаи, правилник за систематизација на работните места и правилник за внатрешна организација, список на сите вработени лица во институцијата со службени телефонски броеви и електронска пошта.

 

Исто така, за првпат на јавноста и се достапни и информации што се однесуваат на заштита на укажувачи, овластено лице за заштитено внатрешно пријавување и Правилник за заштитено внатрешно пријавување, како и податоци за офицерот за заштита на лични податоци.

 

Сите наведени документи се достапни на www.pravda.gov.mk.

 

 

Министерството за одбрана исто така на својата интернет страница објави поголем број документи од интерес за јавноста.

 

На страната по прв пат можат да се најдат стратешки документи од областа на одбраната, буџетот на Министерството, ревизорските извештаи и инспекцискиот надзор, планот за јавни набавки, како и информации согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, листата на активни регистри и информации, барања и обрасци за доброволно служење воен рок.

 

Како што соопшти Министерството за одбрана, сите јавно достапни документи од областа на Министерството за одбрана можат да се најдат на http://morm.gov.mk

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.