Пожарот во Калифорнија пристигна до Лос Анџелес

Властите на Лос Анџелес наредија евакуација на неколку кварта, откако пожарот се доближи до градот. Неколку илјади пожарникари денеска се борат со пожарите северно од Лос Анџелес, а во најголема опасност е елитната населба Бел Ер.

 

Огнот веќе уништи неколку куќи во оваа ексклузивна област, вклучувајќи го имотот на милијардерот Руперт Мурдок, за кој тој платил 28 милиони долари пред четири години. Просечната вредност на куќите во Бел Ер е 2,45 милиони долари, а огнот веќе зафати површина од 60 хектари во оваа населба и брзо се шири.

 

Жителите од квартот помеѓу Мулхоланд Драјв на северот и булеворот Сансет на југот добија налог за евакуација, а огнот пустоши источно од автопатот 405. Музејот Гети и кампусот на Универзитетот во Лос Анџелес се во близина на пожарната зона.

 

 

Ова е најголемата ерупција на пожари во историјата на Калифорнија, а пожарникарските служби на Лос Анџелес за првпат досега прогласија виолетова тревога, што е највисок степен на опасност.

 

„Преживуваме тешки денови. Најголемата опасност му се заканува на Лос Анџелес. Досега евакуиравме 150.000 луѓе од северниот дел на градот“, изјави градоначалникот Ерик Гарсети.

 

Националната метеоролошка служба објави дека условите се екстремни и дека ветровите достигнуваат брзина од 130 километри на час, што помага огнот да се шири со голема брзина. Огнот сега опфаќа повеќе од 26.000 хектари, се заканува на 12.000 згради и доведе до евакуација на околу 27.000 лица.

 

 

Претседателот Доналд Трамп на Твитер напиша порака за поддршка на жртвите од пожари , а Агенцијата за управување со вонредни состојби (ФЕМА) објави дека ги деблокирала средствата за помош.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.